Besar Ademi
16 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Уставниот суд на Република Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Министерството за правда, Врховниот суд и народниот правобранител на Република Македонија, до мај 2018 година ќе го спроведат проектот „Зајакнување на капацитетите на судството за заштита на човековите права и борба против нечовечното и понижувачко постапување, и против неказнивоста“, јавува Anadolu Agency (AA).
Проектот во вредност од 700 илјади евра е кофинансиран од Европската Унија (ЕУ) и од Европскиот совет (ЕС), како дел од програмата „Хоризонтал фасилити“ за земјите од Западен Балкан и за Турција.
Преку овој проект, Европскиот совет има за цел да им помогне на властите да ги надминат утврдените недостатоци и практичните слабости поврзани со обуката на судиите, обвинителите и на останатите правни практичари, како и судиите на Уставниот суд за одредени тематски области од Европската конвенција за човекови права.
Шефот на одделението за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје, Никола Бертолини, на претставувањето на проектот најави дека програмата „Хоризонтал фасилити“ во Македонија има широк спектар на активности, а горенаведениот проект е еден од петте проекти што ќе се реализираат во областа на судството.
„Цивилизирана земја може да се нарече земјата во која човековите права се приоритет. Вашата земја се движи во вистинската насока, но потребно е време, напор и трансфер на знаење. Оваа програма ги нуди сите овие совети, експертиза и знаење“, рече Бертолини.
Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудова, рече дека со оглед на тоа што обуката на правните практичари треба да се спроведе во согласност со стандардите на европските судови, свесни се дека мора да се подобри квалитетот на обуката на правните практичари во Македонија.
„За првпат по голем број успешно спроведени помали проекти, денес добиваме еден досега најголем проект во периодот од 18 месеци и којшто ќе ја смени перцепцијата на најголемиот број на практичари за значењето на европската конвенција за човекови права и нејзината примена на национално ниво“, изјави Арнаудова.
Генералната цел на проектот е да придонесе кон напорите на државата за зајакнување на капацитетите на правните практичари за заштита на човековите права и во борбата против нечовечното и понижувачко постапување, и против неказнивоста.