Admir Fazlagic
09 Ноември 2016•Ажурирај: 10 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими амбасадорот Самуел Жбогар, Шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од кабинетот на претседателот Иванов, на средбата, амбасадорот Жбогар на претседателот Иванов му го врачил Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2016 година и го информирал за клучните оценки содржани во извештајот, подготвен од Европската комисија.
Македонскиот претседател на средбата посочи на неопходноста за промена на статус кво состојбата, во контекст на отворањето на пристапните преговори за членство со Европската унија.
„Постојаните политички кризи во кои се наоѓа Република Македонија во голема мера, се должат на предолгата статус кво состојба во интеграциите. Сметам дека предвремените парламентарни избори ќе бидат можност за излез од кризата, но само доколку по изборите се деблокираат евро-интеграциите. Секое натамошно пролонгирање на овој процес сериозно ќе влијае на темпото на реформите, на нивото на политичка култура во државата и на културата на дијалог и компромиси. Верувам дека Унијата ќе го исправи досегашниот погрешен пристап кон Македонија", порачал претседателот Иванов на средбата.
Македонскиот претседател и амбасадорот Жбогар размениле мислења и за претстојните избори во Република Македонија, за кои се согласија дека е важно предизборниот и изборниот процес да минат во фер, демократска и конструктивна атмосфера.