Ivana Ramadanova
21 Март 2017•Ажурирај: 22 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Пораките на еврокомесарот се јасни како бел ден. Се договоривме дека процесите треба да бидат убрзани, но тоа не значи дека треба да престанеме да бидеме внимателни. Ова го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев по средбата со Јоханес Хан и тројцата европратеници, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој очекува до крајот на неделава да биде одржана собраниска седница и дека откако новиот претседател на Собранието ќе испрати писмо до Иванов, тој конечно ќе го даде мандатот.
„Секој ден e изгубен, изгубен за Македонија и за македонските граѓани. Ние остануваме со целото внимание насочени кон демократските процеси во земјава. Очекувам од новиот претседател на Собранието да го извести претседателот на државата за новото парламентарно мнозинство, кој во следните 10 дена ќе може да го даде мандатот. Јас се надевам дека ќе има разбирање од сите политички партии, затоа што сите ние постоиме поради иднината на Македонија“, изјави Заев.
Како што истакна во своето обраќање по средбата со Хан, Заев верува дека никој нема намера да го блокира Собранието, повикувајќи да не се бараат банални изговори и дека е време Иванов да го додели мандатот.
„Бараа потписи од мнозинството за да се свика седницата, потоа побараа шест места во Комисијата за именување, а сега бараат и претседател на Комисијата. Легитимно е тоа дека Собранието на пленарна седница бира членови и претседател на таа комисија. Нека ги каже јавно ВМРО-ДПМНЕ своите аргументи ние ќе ги кажеме нашите и ќе гласаме кој е во право. Нема да дозволиме некој да се крие зад одговорноста и да и штети на Македонија“, додаде Заев.