Bekim Laci
01 Мај 2017•Ажурирај: 01 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, во придружба на заменик-претседателот на партијата, Радмила Шекеринска, и генералниот секретар на партијата, Оливер Спасовски, се сретна со заменикот државен секретар на САД за Европа и за Евроазија, Хојт Брајан Ји, кој беше придружуван од амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што е наведено во соопштението од кабинетот на Заев, на средбата е изразена поддршка за демократските процеси во Република Македонија, кои по кредибилните избори продолжија со избор на нов собраниски претседател од редовите на парламентарното мнозинство, а ќе резултираат со избор на нова влада во Македонија.
„Новиот претседателот на Собранието е избран законски и легитимно, согласно Деловникот, законите и Уставот. Продолжуваме да ги движиме процесите посветено и мудро, и во следниот период ќе пристапиме кон формирање на новата реформска Влада“, рече претседателот Заев на средбата со американскиот дипломат.
Тој најави дека Иванов ќе добие известување од новиот собраниски претседател дека постои демократски формирано парламентарно мнозинство и ќе побара од Иванов да постапи според уставната обврска да го даде мандатот за формирање Влада.
Лидерот на СДСМ исто така истакна дека постои и програма на новата реформска Влада којашто гарантира унитарност на државата и почитување на Уставот.
„Со тоа се исцрпуваат неразумните барања од Иванов со коишто тој го условува давањето на мандатот. Парламентарното мнозинство има обврска да ја реализира мнозинската волја на 700.000 граѓани, изразена на изборите, и таа обврска ќе ја исполни“, најави Заев.
„Вчера, Хојт Ји се сретна со лидерите на албанските партии застапени во Собранието, а денес се сретна со претседателот Ѓорге Иванов и со претседателот на Парламентот, Талат Џафери, а по средбата со Заев, останува да се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по што се очекува да одржи прес-конференција.