Mehmet Hatipoğlu
11 јули 2021•Ажурирај: 12 јули 2021
Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, истакна дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е значаен лидер кој во својот живот постигнал повеќе успеси, и дека ја зајакнал неговата земја преку менување на имиџот на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Дендиас, за програма објавена на интернет-страницата на грчкиот портал „Newsbomb“, говореше за турско-грчките односи, како и за Ердоган.
Тој потсети дека се состанал повеќе пати со Ердоган и дека последно бил пречекан во Претседателската палата во Анкара.
„Претседателот Ердоган пред сè на персонално ниво е гостопримлив. Можам да кажам дека во личните односи е срдечен човек. Од друга страна, Грција не е во исто мислење со својата политика во регионот. Тоа треба отворено да го истакнеме. Тоа е искрено мислење. Секој си ги истакнува мислењата“, рече тој.
Според него, турскиот претседател Ердоган е важен фактор во регионот.
„Било да прифатиме или не, тој е еден лидер кој управувал со Турција скоро колку што управувал Ататурк, и го определил имиџот на Турција. Сметам дека тој е личност кој во својот живот постигнал бројни успеси“, додаде Дендиас.
Запрашан дали Ердоган е непредвидлив, Дендиас рече: „Не сметам дека претседателот Ердоган е непредвидлив. Сметам дека во рамки на политиката што ја спроведува, во негова корист е да изгледа непредвидлив. Сметам дека има стратегија.“