Македонија jа отвори границата само за бегалците од Сирија и Ирак
Координаторката на УНХЦР, Барбара Колзи, рече дека во Табановце заглавени се околу 600 Авганистанци за кои ситуацијата останува нејасна и не се знае дали ќе бидат вратени во Грција
Besar Ademi
23 Февруари 2016•Ажурирано: 24 Февруари 2016
Skopje
ГЕВГЕЛИЈА (АА) - Ситуацијата со бегалците на македонската јужна граница е мирна, а во прифатниот центар во Гевгелија има само мал број на бегалци. Денеска попладне на грчко-македонската граница продолжи транзитот на бегалци од Сирија и Ирак, но не и на оние кои доаѓаат од Авганистан, јавува Anadolu Agency (AA).
Координаторката на УНХЦР во Гевгелија, Барбара Колзи, рече дека немаат информации зошто на авганистанските бегалци не им е дозволено да го користат балканскиот транзитен коридор. Таа додаде дека во моментов на македонската северна граница, во Табановце, се заглавени околу 600 Авганистанци, за кои ситуацијата останува нејасна и не се знае дали ќе се вратат во Грција.
„Сега веќе постојат некои нови критериуми за прием на бегалци. Земјите од регионот се согласија околу процесот на регистрација и потребната документација. Сепак, оваа регистрација важи само за Сиријците и Иранчаните на кои им е дозволено да ја поминат границата. За овие нови процедури, документи поседуваат само Сиријците и Иранчаните, така што само тие можат да ја поминат границата”, изјави Колзи. Во врска со одлуката за селекција на бегалците од Авганистан сè уште нема точни информации зошто не им е дозволено да го користат овој транзитен коридор. Македонските органи велат дека ќе дејствуваат во согласност со одлуките на другите земји опфатени со бегалската криза.
Македонија jа отвори границата само за бегалците од Сирија и Ирак