Şenhan Bolelli
18 Декември 2016•Ажурирај: 19 Декември 2016
МАДРИД (АА) - Околу 30.000 демонстранти денеска се собраа на антивладини протести во Мадрид организирани од двете најголеми синдикални организации во Шпанија, Конфедерацијата на синдикати (ЦЦОО) и Генералната унија на работниците (УГТ), јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите беа организирани под мотото „Прво заштитете ги луѓето и нивните права“, а беа поддржани од левичарските политички партии Обединета левица (ИЕ) и Подемос.
Ова се првите протести што шпанските синдикати ги организираат од 1 ноември, кога се формираше малцинска влада предводена од владејачката десничарска Народна партија (ПП).
Синдикатите најавија дека ќе вршат секаков вид социјален и политички притисок врз владата, со цел започнатите преговори да резултираат со остварување на целите на работниците.
„Ќе организираме ваков тип на протести колку што е потребно. Ќе се бориме за своите права сè додека не im се исполнат сите услови на работниците“, порачаа претставниците на синдикатот кои денес ги повика своите членови на протест.
„Ние сакаме стабилно вработување, пристојни плати и гарантирана пензија“, беа дел од слоганите што ги извикуваа демонстрантите собрани во центарот на Мадрид.
Претставничката на шпанскиот синдикат Амелија Гонзалес, за АА рече дека невработеноста е најголемиот проблем во Шпанија.
„Ние не се собравме за да се појавиме на вести и да се најдеме на насловните страници на весниците. Нашата цел е владата да не ја заборави нашата борба и дека треба сериозно да го сфати дијалогот што го водиме. Сакаме да седнеме рамноправно на маса и да се договориме за мерките за штедење, да се стави крај на намалувањата на нашите примања“, рече Гонзалес.
Шпанската министерка за труд и социјална безбедност, Фатима Бенез, го критикуваше раководството на синдикатот што на самиот почеток на преговорите со владата организираа протести, порачувајќи дека синдикатите треба да преговараат во оваа фаза.