Fatih Erel
07 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
ЖЕНЕВА (АА) - Специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, денес предупреди против саботирањето на тековните мировни преговори за Сирија во Женева, откако делегацијата на режимот најави дека ќе се врати на преговорите за пет дена, без да даде никакво објаснување, јавува Anadolu Agency (AA).
Мировните преговори за Сирија поддржани од ОН, во вторникот продолжија во Женева, без делегацијата на режимот, откако тимот на сириската Влада ги напушти преговорите без да потврди кога ќе се врати. Делегатите на опозицијата инсистираа дека сирискиот лидер Башар ал Асад не треба да биде дел од привремената влада.
Де Мистура рече дека не слушнал никакво објаснување од страна на режимот во врска со одложувањето на нивното присуство.
Тој нагласи дека разговорите со опозициската делегација продолжиле без никакви предуслови, и оти се очекува присуството на делегацијата на режимот в недела, а преговорите ќе траат до 14 декември.
Во врска со упатената жалба од страна на ОН за пристапот на хуманитарната помош и медицинската евакуација на речиси 500 цивили во Источна Гута, Де Мистура изјави дека нема никакви резултати и оти таквата ситуација е мошне загрижувачка.
Хуманитарниот советник на ОН, Јан Егеланд додаде: „Чувствувам дека не успеав. Чувствувам дека не можевме да го изведеме тоа. Многу е трогателно тоа што го фотографирам секој ден, деца кои се сѐ повеќе прегладнети и кои умираат, а ние не можевме да им помогнеме“.
Делегацијата на обединетата сириска опозиција во Женева вчера го повика режимот да учествува во тековните мировни разговори.
- Ќе останеме колку што е потребно -
„Нивната делегација треба да дојде овде, ќе останеме колку што е потребно“, изјави за новинарите портпаролот на делегацијата на обединетата сириска опозиција, Јахја Ариди, вчера во Женева, по состанокот со заменик-претставникот на ОН за Сирија, Рамзи Езелдин Рамзи.
„Одговорност на меѓународната заедница и на специјалниот пратеник е да објават во јавноста која страна ги одбива преговорите“, изјави за новинарите преговарачкиот шеф на опозицијата, Наср ал Харири, во вторникот, по состанокот со Де Мистура.
Минатиот месец, Де Мистура предложи директни преговори меѓу страните, без никакви предуслови. Обединетата опозиција ја прифати понудата, но делегацијата на режимот ја одби.
Последниот круг на преговорите започна на 28 ноември, со состаноци меѓу Де Мистура и опозицијата.
Осмиот круг на мировните преговори ќе трае до 14 декември.
На преговорите се дискутира за новиот устав, владата, изборите и за борбата против тероризмот, како и за прашањата за затворените, исчезнатите и киднапирани лица и за пристапот на хуманитарната помош.