Ivana Ramadanova
29 Јули 2016•Ажурирано: 30 Јули 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за внатрешни работи на Република Македонија соопшти дека полициските екипи во текот на минатата ноќ пронашле две нови групи мигранти, од кои едната кај селото Смоквица, Гевгелиско, а другата на регионалниот пат Валандово – Дојран. Тие се обидувале да ја минат територијата на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Имено, на 28 јули, десет минути по полноќ, од страна на мешовит патролен тим била извршена проверка на паркиран камион ТМВ „мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки.
Според информациите на МВР, возилото било паркирано од страна на непознат возач на бензиска пумпа покрај автопатот Гевгелија – Скопје кај селото Смоквица.
„Патролниот тим пронашол 26 мигранти, од кои 21 од Авганистан и 5-мина од Пакистан. По инструкции на Јавен обвинител, во Прифатниот центар во Скопје ќе бидат сместени две лица мигранти, а останатите 24 мигранти во Гевгелија за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот“, се вели во соопштението на МВР.
Истата вечер, во 21:30 часот на регионалниот пат Валандово – Дојран, од страна на патролен тим од Стар Дојран била забележана поголема група мигранти како се кријат под мост, а веднаш до нив покрај патот било паркирано моторно возило „Хјундаи“ со струмички регистарски ознаки без возач, празно и отклучено.
Од страна на тимот, извршен е разговор и легитимирани се лицата мигранти кои изјавиле дека се превезувале со споменатото комбе што го управувало непознато лице и уште еден сопатник.
„Тие го паркирале возилото на тоа место половина час претходно и побегнале. Се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот и совозачот на возилото и за целосно расчистување на случајот“, стои во соопштението на Министерството за внатрешни работи.