Ekipa
30 Октомври 2017•Ажурирај: 30 Октомври 2017
АСТАНА (АА) - Со билатерални средби на делегациите на Турција, Русија и на Иран, утрово започна седмиот круг од сириските мировни преговори кои што се одржуваат во главниот град на Казахстан, Астана, јавува Anadolu Agency (AA).
Преговорите се одржуваат на иницијатива на Турција, Русија и Иран, а присуствуваат делегацијата на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, на вооружените бунтовнички групи, како и делегациите на Обединетите нации, САД и на Јордан.
Во согласност со вчерашните подготвителни состаноци, главната тема на седмиот круг треба да биде ослободувањето на заробените од сириските затвори. Опозицијата на почетокот од овој месец до руската делегација за посредување достави листа на повеќе од 12.000 затвореници во Хомс.
Делегациите на Русија и на Турција утрово разговараа за кршењето на прекинот на огнот од страна на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Делегациите на вооружените бунтовнички групи, исто така, утрово се сретнаа со цел да ги усогласат нивните барања и ставови.
Делегацијата на Ослободителната војска на Сирија соопшти дека на делегацијата на Обединетите нации ќе ѝ предаде четири досиеја за кршењето на примирјето од страна на сирискиот режим, за злосторствата што ги вршат режимските и проиранските сили, за состојбата во затворите и за демографските промени што ги спроведуваат режимските, проиранските и терористичките сили на ПКК / ПЈД.
За 12 часот по локално време, најавен е првиот трилатерален состанок на делегациите на Турција, Русија и Иран, кои се гаранти на мировниот процес во Сирија. Една од главните теми на средбата треба да биде ангажирањето на силите на овие земји за спроведување на примирјето во Сирија.
Во Астана, денес и утре треба да се дискутира и за почетокот на процесот за отстранување на остатокот од минско-експлозивните средства од областите во коишто судирите престанаа.
Делегациите, исто така, ќе разговараат и за тоа во продолжението на преговорите да се вклучат земји-набљудувачи, пред сѐ, Кина и Ирак.
Како и во досегашните преговори, и овој пат на дневен ред треба да биде отворањето коридори за достава на хуманитарна помош за цивилите.
На преговорите во Астана во почетокот на мај беше договорено да се формираат четири зони без судири во подрачјата на најжестоките судири во Сирија. Со договор меѓу Русија и САД, Дераја и Кунејтра беа прогласени за сигурни зони, и за овие региони се водат одделни преговори. Русија во јули испрати полициски сили за контрола на спроведувањето на прекинот на огнот во овие региони.
Паралелно со тоа, руското Министерство за одбрана во почетокот на јули објави дека е прогласен прекин на огнот и во Источна Гута кај Дамаск, но во почетокот на август е откриено дека договорот го има потпишано само една бунтовничка група. Силите лојални на режимот на Асад продолжувааат да вршат артилериски и воздушни напади на Источна Гута.
Во текот на последниот круг од преговорите во Астана, беше постигнат договор за границите на Идлиб во чии рамки ќе биде во сила договореното примирје. Според договорот, турските безбедносни сили се ангажирани на теренот.