Tevfik Durul
30 Октомври 2017•Ажурирај: 30 Октомври 2017
ПЕКИНГ (АА) - Anadolu Agency (АА) во рамките на визијата да стане една од највлијателните новински агенции во светот, со свечена церемонија ја отвори својата канцеларија во Пекинг, главниот град на Кина, јавува Anadolu Agency (AA).
На отворањето на канцеларијата на АА присуствуваа заменикот генерален директор на АА, Мустафа Озкаја, членови на Одборот на директори, Мухамет Салих Демиркан и Али Туркер Пиртини, директорот за меѓународни операции, Урал Јешил, потсекретарот на амбасадата на Турција во Пекинг, Теоман Ујкур, директорот за меѓународни вести на кинеската новинска агенција „Xinhua“ (Синхуа), Јен Винбин, новинари и претставници на мисии.
На отворањето, заменикот генерален директор Озкаја на присутните им се обрати со зборовите: „Со отворањето на канцеларијата во Пекинг, АА постави еден од основните столбови во структурирањето за информативно покривање од азиско-пацифичкиот регион“, и истакна дека е важно да има неутрален и објективен протек на информации од Кина, која е втора по големина економија во светот и силен политички актер.

Озкаја за проектот „Еден појас, еден пат“, предложен од страна на претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, рече дека Турција е една од земјите што имаат клучна улога и додаде: „Се надеваме дека оваа наша канцеларија ќе даде свој придонес во историското пријателство меѓу Турција и Кина, кое започна со Патот на свилата“.
„Вчера ја прославивме 94. годишнина од основањето на Репубика Турција. Многу сме среќни што по прославата на толку убава годишнина, денес во Пекинг ја отвораме нашата канцеларија. Им се заблагодарувам на сите присутни што нѐ почестија со своето присуство“, рече заменикот генерален директор на АА, Озкаја.
По сечењето на лентата, гостите беа информирани за глобалната структура на АА, јазиците на објавување вести што ги покрива агенцијата и им беа доделени печатени изданија на АА од „Istanbul Photo Awards 2017“ и „Преглед на обидот за државен удар од страна на ФЕТО“.
Директорот за меѓународни вести на кинеската новинска агенција „Xinhua“, Јен Винбин, изјави дека отсекогаш придавале големо значење на соработката со АА и додаде оти претседателот на „Xinhua“ му испратил писмо со честитки на претседателот на одборот на директори и генерален директор на АА, Шенол Казанџи.

Јен истакна дека АА, која е една од најстарите институции, на своите коминтенти во светот, точно, брзо и објективно ќе им доставува вести од Кина и додаде дека отворањето на канцеларијата на АА во Пекинг ќе има позитивен придонес врз односите меѓу двете земји.
Членот на одборот на директори на АА, Пиртини, рече дека Кина е земја во подем од секој аспект. „Се надевам дека нашата канцеларија во Кина, која е најголема и најзначајна земја во ова подрачје, ќе има голем придонес во мрежата на вести на АА“, рече Пиртини.
Тој изјави дека отворањето на канцеларијата во Пекинг, за АА, која објавува вести на 13 јазици, претставува крунисување на структурирањето во регионот. „Имаме за цел со вестите што ќе ги подготвуваме од Кина, уште повеќе да ги зацврстиме историските мостови меѓу кинескиот и турскиот народ“, рече Пиртини.
Во рамките на глобалното структурирање на АА, минатата недела беа отворени сервисот на шпански јазик во Богота, главниот град на Колумбија, и сервисот во Џакарта, главниот град на Индонезија. Свои канцеларии АА отвори и во Куала Лумпур, главниот град на Малезија, а кон крајот на годинава се планира официјално отворање на канцеларија на АА во Пакистан.