Merve Yıldızalp
30 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
БАКУ (АА) - Проектот за железничката линија Баку-Тбилиси-Карс, која ги поврзува Турција, Азербејџан и Грузија, е клучен чекор за иднината, истакна денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
„Најважниот дел од проектот за Средниот коридор (за обединување на Европа и Азија преку Анадолија) е исполнет со првата услуга на железничката линија Баку-Тбилиси-Карс“, рече Ердоган за време на церемонијата во Баку, на која присуствуваше азербејскиот претседател Илхам Алијев и грузискиот премиер Георги Квирикашвили.
Проектот за железничата линија во должина од 826 километри што го поврзува Баку со североисточната турска област Карс, преку Тбилиси, започна во 2007 година, додека изградбата започна во 2008 година.
Ердоган рече дека проектот е од непроценлива вредност, бидејќи е изведен со огромен труд и посветеност.
„Ние го најавуваме воспоставувањето на континуирана железничка поврзаност од Лондон до Кина“, додаде тој.
Турскиот претседател нагласи дека железничката пруга ќе опслужува еден милион патници годишно, и дека има капацитет за пренос на товар од 6,5 милиони тони.
Ердоган рече дека овој капацитет ќе се зголеми на три милиони патници и пренос на 17 милиони тони товар до 2034 година.
„Се разбира, ова значително ќе ги намали трошоците за пренос на товарот“, додаде тој.
Ердоган истакна дека придонесот на железничката линија за регионот нема да биде само економски.
„Проектот во политичка смисла ќе донесе мир, безбедност и стабилност, а во општествена, ќе донесе благосостојба“.
Азербејџанскиот претседател, Илхам Алијев, рече дека проектот е резултат на братството на трите вклучени земји.
Тој нагласи дека некои сметале оти реализирањето на проектот е невозможно, и додаде: „Трите земји покажаа и докажаа дека тоа е можно“.
„Баку-Тбилиси-Карс е историски, глобален проект, кој ќе ги приближи (нашите) земји“, рече тој.
Премиерот на Грузија, Георги Квирикашвили, истакна дека проектот претставува мост меѓу Азија и Европа. „Оваа линија ќе ги обедини економиите и луѓето“, додаде тој.