Betül Yürük
04 Април 2018•Ажурирај: 04 Април 2018
ЊУЈОРК (АА) - Русија побара седница на Советот за безбедност на ОН (СБОН) поради обвиненијата на Велика Британија на сметка на Москва за нападот на пораншениот шпион Сергеј Скрипал, јавува Anadolu Agency (AA).
Амбасадорот на Русија при ОН, Василиј Небензја, во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН, по повод годишнината од нападот со хемиско оружје во Кан Шејхун во Сирија, во кој загинаа најмалку 100 лица, побара седница на која ќе се дискутира за споменатите обвиненија на Велика Британија против Русија.

Потсетуваме, британската премиерка Тереза Меј, претходно изјави дека поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал (66) и неговата ќерка Јулија (33) биле затруени со воен нервен агенс кој Русија го развила.
Небензија во обраќањето се осврна и на нападот на Кан Шејхун, отфрлувајќи ги тврдењата дека сирискиот режим користел хемиско оружје. Тој истакна дека Русија ги поддржува повиците на единство околу, како што рече, вистинските опасности, а не измислените.
Ники Хејли, американската амбасадорка при Обединетите нации (ОН), изјави дека ОН не успеале ништо да сторат за да го спречат сирискиот режим во намерата да користи хемиско оружје.
„Сега имаме режим кој речиси секоја недела користи хемиско оружје“, изјави Хејли.
Таа додаде дека е потребно да се преземат мерки против употребата на хемиско оружје, истакнувајќи дека во спротивно, светот би можел да биде изложен на сè поголеми закани и опасности.