Gamze Türkoğlu Oğuz
27 Мај 2018•Ажурирај: 28 Мај 2018
СЕУЛ (AA) – Властите на Северна Кореја ги негираа тврдењата на американските медиуми и порачаа дека од Соединетите Американски Држави (САД) не очекуваат никаква економска помош во рамките на идниот процес на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, пренесува Anadolu Agency (AA).
Бројните американски медиуми, вклучувајќи ги „Фокс њуз“ (FOX News), „Си-би-ес“ (CBS) и „Си-ен-ен“ (CNN), објавија дека Северна Кореја има намера да се согласи на сите услови на САД во процесот на денуклеаризацијата, а дека за возврат очекува голема економска помош.
„Американските медиуми продолжуваат да креираат јавно мислење на тој начин што и понатаму тврдат дека Северна Кореја седнува на преговарачка маса со надеж дека ќе добие економска помош. Да ги разјасниме нештата, САД се тие кои први бараа преговори. Што се однесува до економската помош, Северна Кореја тоа не го очекува“, е пораката на севернокорејските власти кои денеска ги пренесе државниот весник „Родонг Синмун“ („Rodong Sinmun“).
Во пораката, исто така се наведува дека, во однос на Северна Кореја и САД, големиот пресврт дошол, само благодарејќи на желбата на официјален Пјонгјанг да гради мир и стабилност во светот.
Самитот помеѓу севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун и американскиот претседател Доналд Трамп, претходно беше најавен за 12 јуни во Сингапур. Трамп дополнително соопшти дека нема да учествува, за синоќа да изјави дека во тек се дипломатски преговори и дека до состанокот, сепак, би можело да дојде.