Ekipa
29 Март 2018•Ажурирај: 30 Март 2018
ИДЛИБ (АА) - Осмиот евакуациски конвој од Источна Гута, регион кој е под опсада од режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите приврзаници, пристигна во Хама, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерите на Anadolu Agency (AA) од Источна Гута јавуваат дека продолжува евакуацијата од Арбин, Замалка и Еин Тарма, кои припаѓаат на регионот Источна Гута.
Осмиот конвој со 80 автобуси пренесува 5.282 лица, меѓу кои има и болни и повредени, како и припадници на опозицијата. Се очекува конвојот од Хама да тргне кон привремените бегалски кампови на периферијата од Алепо и Идлиб.
Бројот на луѓе кои за време на присилните евакуации започнати минатата недела ја напуштија Источна Гута изнесува најмалку 30.000. Додека трае евакуацијата во некои региони, областа Дума, која и припаѓа на Источна Гута, сè уште е под опсада.
Режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад и неговите поддржувачи, со поддршка на Русија, на 19 февруари започнаа акција за окупација на Источна Гута, која е контролирана од опозицијата.
Оттогаш се извршени бројни напади на подрачјето на кое живеат околу 400.000 цивили. Многу цивили беа убиени, а честите интензивни напади ги принудија цивилите да бараат заштита во засолништата и подрумите.