Ivana Ramadanova
10 Мај 2016•Ажурирај: 11 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - По повод Денот на Европа, Секретаријатот за европски прашања, во Клубот на пратеници во Скопје, организираше „ЕУ појадок“ со амбасадорите од земјите-членки на ЕУ и поранешните вицепремиери за европски прашања, јавува Anadolu Agency (AA).
Во воведното излагање евроамбасадорот Аиро Орав порача дека политичката криза во Македонија трае предолго и нема време за губење, бидејќи како што рече, остануваат премногу работи да се завршат, потребни се тешки и сериозни одлуки кои треба да бидат донесени во најскоро време од страна на тие што се одговорни за ситуацијата.
„Вашата земја е специјален случај. ЕУ веќе препорача шест и пол пати да ги почнете преговорите за членство, но за жал не сме во можност да го сториме тоа. Сега треба многу сериозно да размислуваме што да направиме со оваа половинка од препораката и како да ѝ пристапиме. За жал, останува премногу работа да се заврши. Оваа политичка криза трае предолго”, рече Орав.

Според него, Пржинскиот договор минатата година беше надеж за граѓаните на оваа земја и за меѓународната заедница, но за жал, како што рече, зборовите што ја опишуваат најдобро минатата година се опструкции, одлагања и неспроведувања.
„Минатиот месец го видовме ледениот брег кога беше донесена одлуката за аболиција. Нема време за губење. Тешки и сериозни одлуки треба да бидат донесени денес, утре од тие што се одговорни за ситуацијата, така што заедно ќе одиме напред. ЕУ е тука ако ви треба нашата помош. Ние во ЕУ, исто така, многу се надеваме дека оваа криза ќе биде оставена зад нас и дека ќе ги почнеме преговорите со вас кога тоа ќе биде можно”, додаде Орав.
За вицепремиерот Арбр Адеми, факт е дека Македонија најдолго ја имплементира ЕУ-агендата од сите земји во регионот, додавајќи дека е невозможно да се сокрие дека земјата е во најкомплексна криза која е неодржлива.

„Наша одговорност како политичари е што поскоро да најдеме излез од оваа политичка криза и да се вратиме на патот на ЕУ интеграцијата. Нема друга алтернатива за нашата европската иднина од одржување веродостојни избори и широко прифатени изборни резултати, како и понатамошно агресивно имплементирање на итните реформски приоритети со што ќе го осигураме задржувањето на моментно условената препорака на ЕК. По демократските и кредибилни избори цврсто верувам дека единствен кредибилен чекор на ЕК, Советот на ЕУ и Европскиот парламент, како и на земјите членки е да ѝ дадат на Македонија шанса да ги почне пристапните преговори”, изјави Адеми.
Запрашан дали се очекува наскоро лидерска средба за надминување на кризата во пресрет на доаѓањето на германскиот специјален претставник Хаиндл, холандскиот амбасадор во земјава Вилем Ваутер Пломп, изрази надеж дека лидерите ќе најдат мудрост и храброст да постигнат решение и оти се надева дека напорите на меѓународната заедница ќе придонесат за изнаоѓање на тоа решение, додека пак американскиот амбасадор Џес Бејли посочи дека остануваат во комуникација со политичките партии.
На денешниот традиционален ЕУ-појадок присуствуваа и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, поранешните вицепремиери за евроинтеграции Фатмир Бесими, Радмила Шеќеринска, Теута Арифи, Арбр Адеми, како и претставници на ОН, НАТО и на ОБСЕ во земјава.