Furkan Naci Top
06 Декември 2017•Ажурирај: 07 Декември 2017
АТИНА (АА) - ФУРКАН НАЏИ ТОП/ФИЛГО КОНГО - Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, изјави дека утрешната официјална посета на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е многу важна за билатералните односи и за односите во регионот.
„Уверен сум дека првата посета на турски претседател по неколку децении ќе биде многу добра можност за да се направат храбри исчекори во иднина“, порача Ципрас во интервју за Аnadolu Agency (AA).
Ердоган утре ќе допатува во дводневна официјална посета на Грција, како прв претседател на Турција кој тоа го прави по 65 години.
Ципрас изјави дека ова е токму вистинското време за разговори за тоа како Егејското и Средоземното Море да се направат мориња на мир и дијалог, а не мориња на тензии и судири, како да се развиваат односите и соработката во согласност со меѓународните норми, Договорот од Лозана и со меѓусебно почитување.
Ципрас потсети дека односите меѓу Грција и Турција се изградени по земјотресите што ги погодија тие земји на почетокот на 2000 година и во рамките на пристапните преговори на Турција за членство во ЕУ, врз основа на економските интереси, и изјави дека моментално во регионот и во Европа постојат големи предизвици кога се во прашање зачувувањето на мирот и решавањето на мигрантската криза.
„Грција и Турција како спојници на три континенти треба да бидат способни да се соочат со тие предизвици и да ги искористат можностите што се нудат во овој регион.
Затоа сега поважно од кога било е да ги унапредиме билатералната соработка и дијалогот“, изјави Ципрас.
Тој рече дека е важно двете страни да испратат позитивна порака и во контест на потребите за обновување на преговорите за решавање на кипарското прашање под покровителство на ОН.
Исто така, Ципрас додаде дека процесот на преговорите треба да се обнови веднаш штом бидат подготвени двете заедници на Кипар.
Грчкиот премиер изјави и дека мигрантската криза покажала колку се важни билатералните односи и на Грција и на ЕУ со Турција.
Тој ги коментираше и барањата на Турција за испорачување на пучистите кои од Турција побегнаа во Грција по минатогодишниот обид за воен удар што го изврши терористичката организација ФЕТО, и нагласи дека во тие процеси ќе се почитуваат одлуките на грчкото правосудство.
„Меѓутоа, мојот став секогаш беше јасен, дека пучистите не се добредојдени во Грција. Во тој контекст, ја продолжуваме нашата безбедносна и правна соработка“, порача Ципрас.
Тој ги пофали грчкиот и турскиот народ, кои и покрај сопствените проблеми, покажаа неверојатна солидарност кон бегалците, и додаде дека тоа би можело да биде пример за цела Европа во која загрижувачки се зајакнуваат радикално десничарските и популистичките елементи.
Осврнувајќи се на процесот на интеграцијата на Турција во ЕУ, Ципрас изјави дека тој денес е поважен од кога било и оти Грција силно ги поддржува демократските процеси и проевропска Турција.