Ekipa
11 Април 2018•Ажурирај: 11 Април 2018
КОЏАЕЛИ (АА) - Турскиот премиер Бинали Јилдирим изјави дека Турција во последните 16 години се соочила со различни искушенија, но ги надминала сите препреки и денес сигурно чекори кон иднината, јавува Anadolu Agency (AA).
Јилдирим престојуваше во турскиот град Коџаели, каде што присуствуваше на Самитот за индустрија и технологија на Техничкиот универзитет „Гебзе“.
Тој истакна дека неговата земја во последните 15 години забележала значаен напредок.
„И покрај војната која се случува во нејзината околина, покрај сите неизвесности, Турција успеа да ги надмине сите тие препреки и денес со одлучни чекори се движи кон иднината“, изјави Јилдирим, потсетувајќи дека неговата земја во последните 16 години се соочила со напади кон волјата на народот, демократијата и демократски избраната власт, а меѓу тие напади бил и обидот за воен удар од јули 2016 година.
Тој, исто така, потсети дека Турција во 2017 година остварила рекорден економски раст од 7,4 отсто.
„Тоа е наш рекорд. А некои тоа сакаат да го омаловажат: 'Толкав економски раст не е добар!' Кога нема економски раст: 'Немаме раст, се наоѓаме на исто место!'
Тоа се проценки кои се прават на политичките состаноци. Наша должност е да не обрнуваме внимание на таквите проценки. Наша должност е да го работиме она што е правилно за нашиот народ и земја“, изјави Јилдирим.