Gözde Bayar
28 Октомври 2021•Ажурирај: 29 Октомври 2021
АНКАРА (АА) - Зависноста од технологија предизвикува акразија, еден вид одложување во кое луѓето избираат да се задржат на релативно безначајни активности наместо да се занимаваат со важни обврски, изјави еден турски специјалист, јавува Агенција Анадолија (АА)
Акразија се опишува како недостиг на самоконтрола или состојба на дејствување против подобро расудување. Концептот првпат го користеле античките грчки филозофи Аристотел и Сократ.
„Наместо исполнување на важна обврска, акразијата прави да се одложи работата што треба да се заврши и да се троши време на повеќе безначајни работи“, изјави Дениз Унај за АА.
Унај, автор од Истанбул и говорник за наука и технологија, рече дека акразијата се развива преку губење на самоконтролата и вклучување во непотребно однесување против човековите подобри инстинкти.
Нагласувајќи дека зависноста од технологија уште повеќе ја зголемила „болеста акразија“, тој рече дека луѓето поминуваат повеќе време гледајќи видеа, играјќи игри или правејќи други работи на нивните уреди.
„Зависниците од технологија може дури и да ги одложат основните потреби како што се јадење, одење во тоалет и спиење“, додаде тој.
Понатаму, тој рече дека одложувањето не е проблем на мрзеливост - напротив, вредните и дисциплинирани луѓе се исто така склони кон ефектот на акразија.
„Кога ги разгледуваме причините за одложување, понекогаш наидуваме на работи кои изгледаат досадни и се прават постојано, како што се миење садови или чистење на валкано место“, рече тој.
- Проблем со контрола на емоциите -
Истакнувајќи дека одложувањето не е проблем за управување со времето, туку проблем за контролирање на емоциите, тој рече дека депресијата, анксиозноста и исцрпеноста предизвикуваат одложување.
„Одложувањето може да предизвика економски загуби, како и хроничен стрес, психолошки проблеми, анксиозност, неисхранетост и проблеми со спиењето, а како резултат на тоа, маѓепсан круг што доведува до негативни ефекти врз кардиоваскуларното здравје“, рече тој.
За да ја намалат или да се ослободат од акразијата, Унај ги повика луѓето да се соочат со постоечкиот проблем и да работат на контролирање на своите емоции.
Тој ги советуваше луѓето да ги исклучат сите известувања од игрите и апликациите на нивните телефони, освен неопходните, за да можат да се ослободат од примамливиот и предизвикувачки ефект на известувањата.
„Погрижете се да ги избришете игрите и апликациите што не ги користите, бидејќи дури и ако не ги користите, известувањата и потсетниците од нив се доволни за да ве задржат повеќе на телефонот“, рече тој.
„Можете да ја ограничите вашата технолошка употреба со апликации за ограничување на времето, кои помагаат да се планира колку време едно лице поминува на телефон“, рече тој.
Тој, исто така, препорача да ги држите телефоните подалеку од спалната соба или трпезата.
„Кога ќе ги направите потребните ограничувања и ќе ја намалите вашата дневна употреба до три или четири часа, можете да го поминете преостанатото време грижејќи се за вашите обврски по приоритет и со започнување на некое хоби во вашето слободно време“, додаде тој.