Vakkas Doğantekin
04 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Преголемата изложеност на пестициди е веројатната причина за невролошките симптоми кај дипломатите со служба во Куба, се вели во наодите од новата интердисциплинарна студија за „синдромот Хавана“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Студијата предводена од д-р Алон Фридман од Универзитетот „Бен-Гурион“ од Негев, Израел, и Универзитетот „Далхаузи“ од Нова Шкотска, Канада, покажа корелација помеѓу преголемата изложеност на пестициди и невролошките симптоми кај канадските дипломати кои престојувале во Хавана, Куба, во 2016 година.
Кај официјалните претставници манифестацијата на симптомите започнала уште во август 2017 година, кога американскиот и канадскиот дипломатски персонал во Куба се пожали дека страда од главоболки и губење на рамнотежа, како и тешкотии во спиењето, концентрацијата и меморијата.
„Нашите сознанија потврдуваат нарушувања во мозокот и ја индицираат хипотезата за прекумерна изложеност на холинестеразни инхибитори како веројатна етиологија“, заклучија лекарите откако ја спроведоа студијата, прегледувајќи 26 канадски дипломати и членови на нивните семејства, од кои повеќето покажале симптоми слични на нивните американски колеги додека престојувале во Хавана.
Холинестеразата е еден од основните ензими потребни за правилно функционирање на нервниот систем кај луѓето, безрбетниците и инсектите.
„Посочувањето на точното место каде што е зафатен мозокот претставуваше важен фактор што нѐ наведе да извршиме специфични биохемиски и токсиколошки тестови на крвта и да дојдеме до заклучокот дека најверојатната причина е континуираната изложеност на невротоксини“, истакна Фридман.
„Студијата ја потврдува потребата да продолжиме со истражувањето за употребата на пестицидите и на другите токсини“, рече тој.
„Тоа е глобално прашање што нѐ потсетува колку уште треба да научиме за влијанието што го имаат токсините врз нашето здравје“, додава Фридман.