Admir Fazlagic
05 Јули 2017•Ажурирај: 05 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за образование и наука соопшти дека Владата на Република Македонија на вчерашната седница, согласно претходните најави, донесе одлука со која Кембриџ програмата нема да се имплементира од септември оваа година во јавните средни училишта, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Определба на Владата и Министерството за образование и наука е современо образование и квалитетни наставни програми за подобрување на воспитно-образовниот процес во земјата. Воведувањето на нови наставни програми бара анализа и обмислување на процесите, а не избрзани решенија. Тоа меѓу другото значи и подготовка на учебници кои користат соодветна терминологија, кои се јасни и прецизни и кои се соодветни за образовниот систем на Република Македонија", велат од Министерството за образование.
„Заради временскиот теснец да се обезбедат овие стандарди и заради избегнување на несакани ситуации во средното образование, Владата донесе одлука да го одложи почетокот на Кембриџ програмата во средните училишта за учебната 2018/2019 година, со што се дава разумен временски период за дебата и подготовка на учебници од кои македонските ученици ќе го добијат заслуженото квалитетно и светско образованиие", појаснуваат од ресорното министерство.