Besar Ademi
11 Август 2017•Ажурирај: 12 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-министерот за образование и наука на Македонија, Висар Ганиу, на свеченото отворање на инфоцентарот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, истакна дека за фазата на проектот за изградба на новиот објект на овој универзитет, Владата на Македонија издвоила околу 4 милиони и 900 илјади денари, јавува Anadolu Agency (AA).
Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, Азиз Положани, нагласи дека процедурата за изградба на објектот се одвива одлично и оти досега се завршени сите можни елементи на концептуалниот проект. Тој вели дека наредната недела ќе се распише и конкурсот за концептуално решение, за локацијата која и претходно беше наменета за тоа, касарната „Илинден“ во Скопје.
Меѓу другото, заменик-министерот Ганиу пренесе дека пред неколку дена Министерството за образование и наука даде одобрение за 63 работни места на Универзитетот „Мајка Тереза“, од кои 43 се за академски кадар и 20 за управниот кадар.
Инфоцентарот што се отвори денес ќе биде место каде што сите студенти ќе ги поднесат докуметите за прием. Уписите во минатата академска година на Универзитетот „Мајка Тереза“ се одвиваа во просториите на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје.
Положани истакна дека со отворањето на инфоцентарот на Универзитетот „Мајка Тереза“ е направен уште еден чекор кон консолидацијата на академските активности на универзитетот. Тој истакна дека на отворениот конкурс за запишување на студентите во оваа академска година се предвидени 1.500 студенти.
Универзитетот „Мајка Тереза“ започна со работа на 27 октомври 2016 година, но во периодот на основањето се соочи со извесни пречки поради недостигот на кадар и објект. Академските часови студентите од овој универзитет ги започнаа во зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија.