Husameddin Gina
19 Декември 2018•Ажурирај: 20 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Политичките одлуки, се разбира, дека носат политичка одговорност, но важно е дека мешање во судството нема“, рече портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на денешната редовна владина прес-конференција, коментирајќи го Законот за амнестија за насилствата на 27 април, усвоен синоќа во Собранието на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со различните коментари и гледишта во јавноста по синоќешното усвојување на Законот за амнестија, портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, потсети дека во моментот во Македонија се случуваат историски процеси коишто имаат една и единствена цел, интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ.
„Овие политички одлуки, се разбира, дека носат политичка одговорност, но важно е дека мешање во судството нема, ниту ќе има по која било основа. Целта на овој закон е да се донесе помирување помеѓу највисокиот орган во државата или во Собранието на Република Македонија. И уште еднаш да повториме, јасно е дека нема да има амнестија за организаторите или за сите кои учествувале или извршиле насилство на денот 27-ми“, истакна Бошњаковски.
Собранието на Република Македонија синоќа го усвои Законот за амнестија за насилните настани во Собранието од 27 април минатата година, за време на кои стотици демонстранти насилно влегоа во собраниската зграда и нападнаа околу 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и медиумски работници.
Од вкупно 112 присутни пратеници, Законот донесен по скратена постапка беше поддржан од 95 пратеници, а немаше ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“.
Потсетуваме, на 27 април 2017 година, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија, демонстрантите предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои се собраа пред Собранието, насилно влегоа во зградата и ги нападнаа пратениците, припадниците на полицијата, како и медиумските работници.
За насилните настани во Собранието на Република Македонија се водат судски постапки за десетици луѓе, вклучувајќи ги и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.