Bekim Laci
18 Декември 2018•Ажурирај: 19 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Вицепремиерот на Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска го пречека на средба романскиот министер, делегиран за европски прашања, Џорџе Чиамба, во пресрет на преземањето на претседавањето со Европската Унија (ЕУ) од страна на Романија, јавува Anadolu Agency (AA).
Во овие рамки се одржа состанок меѓу делегациите на двете земји, по која следуваше заедничка прес-конференција на Османи и Чиамба.
Вицепремиерот Османи истакна дека оваа посета која е реализирана во пресрет на преземањето на претседавањето на ЕУ од страна на Романија е една силна порака дека министерот е тука за да се согласи со нас за агендата на Романија во претседавањето со ЕУ.
„Македонија ја чека формалната одлука на Европскиот совет за започнување на преговорите и сметаме дека фактот што токму Романија ќе претседава со ЕУ, во овие моменти има особено значење за нас, при што го информирав министерот за динамиката за спроведување на политичките процеси, спроведувањето на Договорот од Преспа, Договорот со Бугарија и спроведувањето на Законот за јазиците“, рече Османи.
Османи го увери Чиамба дека на Романија ќе ѝ биде лесно да ја застапува Македонија со тоа што Европскиот совет ќе определи датум за отворање на преговорите во текот на претседавањето на Романија.
Романскиот министер Чиамба нагласи дека доаѓањето во Скопје претставува сигнал за Македонија дека Романија во својата агенда ќе го има проширувањето на ЕУ.
„Како дел од регионот, во текот на нашето претседавање, Романија ќе се фокусира на регионот. Јас дојдов за да ја поздравам и поддржам храбрата одлука на Владата и Собранието за ратификување на Договорот од Преспа, што не е нешто последно, но сепак е надминување на една голема пречка. Договорот од Преспа е еден од позитивните примери во Европа денес, и говори за нејзината моќ, и за тоа дека понекогаш сме премногу скептични за тоа што може да го направи, и околу тоа дали ќе може да реши неколкудецениски спорови“, додаде Чиамба.
Чиамба го поздрави напредокот на Македонија на патот кон членството во НАТО, бидејќи, според него, стабилноста на Европа е значајно прашање, додека неговата земја успеала да ги отстрани политичките влијанија однадвор.
Чиамба рече дека неговата земја има многу да понуди, бидејќи има голема корист од членството во ЕУ, и додаде дека во текот на нејзиното претседавање ќе продолжат со размена на искуствата, со цел Македонија да може да ги отвори преговорите за членство во ЕУ, за што е потребена посветеноста на Владата кон спроведување на реформите.