Abdula Berisha
22 Јуни 2022•Ажурирај: 23 Јуни 2022
СКОПЈЕ (АА) - Европскиот комесар за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји, најави позитивни сигнали од Бугарија и деблокирање на процесот на европска интеграција на Северна Македонија и Албанија, пренесува Агенцијата Анадолија (AA).
Преку објава на Твитер, Вархеји порача дека бугарската опозициска партија ГЕРБ ќе го поддржи гласањето во бугарскиот Парламент за продолжување на преговорите за членство на Северна Македонија врз основа на францускиот предлог.
„Му благодариме на лидерот на опозицијата ГЕРБ, Бојко Борисов, што донесе историска одлука за Европа и Северна Македонија да ги прифатат преговорите врз основа на францускиот предлог што овозможува продолжување на отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија. Очекуваме Владата денеска да ги даде потребните предлози до Парламентот, за Европа да оди напред“, истакна Оливер Вархеји.
По објавата на еврокомесарот Вархеји, лидерите на Северна Македонија, Албанија и Србија го потврдија своето присуство на Самитот на ЕУ којшто ќе се одржи оваа недела во Брисел.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изразија резерви во однос на нивното присуство на Самитот, во отсуство на конкретни резултати.
Иако европските институции го одобрија отворањето на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија, Бугарија го блокира одредувањето на датумот за одржување на првата меѓувладина конференција.
Бугарија првично бараше да се реши спорот со Северна Македонија за прашања поврзани со историјата и образованието, додека разговорите меѓу двете страни се во застој.
Според досегашните информации, францускиот предлог предвидува билатералните спорови да се решаваат додека трае преговарачкиот процес за членство и тие може да бидат дел од преговарачката рамка.