????? ??????????-???????
12 Ноември 2015•Ажурирај: 13 Ноември 2015
БУДИМПЕШТА (АА) – Унгарскиот премиер Виктор Орбан се противи на идејата Европската унија со три милјарди евра да ѝ помогне на Република Турција која згрижи над два милиони бегалци и е една од главните рути по која бегалците доаѓаат во Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Орбан учествуваше на Европско-африканскиот самит за бегалската криза кој е одржан во Валета, главниот град на Малта, а за унгарската телевизија М1 ја коментираше актуелната бегалска криза и плановите на лидерите на Европската унија во тој контекст.
„Сметам дека идејата на Турција да ѝ се даде помош од три милијарди евра воопшто не е добра. Тие пари може да им се дадат на Бугарија и Македонија за подобра контрола на границите, доколку Грците не покажат желба за воспоставување квалитетна контрола на својата јужна граница“, рече Орбан.
Шефот на унгарската влада на состанокот во Малта порача дека Турција мора јасно да се изјасни што сака во актуелнава ситуација.
„Ставот на Унгарија е дека Европската унија не треба во текот на преговорите со Турција да истакнува дека Турција е спасител во оваа ситуација. ЕУ треба прво да воспостави своја линија на одбрана. Мораме да бидеме способни да се браниме и без Турците. Кога тоа ќе го покажеме, тогаш полесно ќе се договараме со Турција“, кажа Орбан.
Истакнувајќи дека воспоставувањето контрола на јужната грчка граница е клучот на запирањето на бегалскиот бран кон Европа, Орбан најави дека членките на Вишеградската група (Унгарија, Полска, Словачка и Чешка) наскоро ќе испратат во Грција над 300 полицајци и гранични службеници.
„Членките на Вишеградската група ќе се состанат во декември во Прага. На состанокот ќе присуствува и претседателката на Јужна Кореја. Тука ќе разговараме за бегалската криза и планот за формирање на заеднички фонд за стопирање на бранот бегалци кон Европа. Ќе се разговара и за британскиот предлог за реформи на Европската унија“, кажа Орбан.
Унгарија беше првата членка на ЕУ која ја затвори границата кон Србија и Хрватска, заради спречување на приливот на мигранти.
Во Турција се згрижени над два милиона бегалци.