Admir Fazlagikj
19 Септември 2018•Ажурирај: 19 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на покана на потпретседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Мајк Пенс, утре ќе престојува во Вашингтон, пренесува Anadolu Agency (AA).
Владата на Република Македонија соопшти дека премиерот Заев утре, 20 септември, ќе патува за Вашингтон, каде што ќе има билатерална средба со потпретседателот на САД, Мајк Пенс.
„Средбата ќе се реализира на покана на потпретседателот Пенс, а на неа ќе се разговара за напредокот на Република Македонија кон членството во НАТО“, се вели во соопштението од Владата.
Последниве денови, во пресрет на референдумот закажан за 30 септември оваа година, Македонија ја посетија бројни високи претставници на земји членки на ЕУ и НАТО, меѓу кои и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, германската канцеларка, Ангела Меркел, австрискиот канцелар, Себастијан Курц, американскиот секретар за одбрана, Џим Матис, како и бројни други функционери на странски држави.
Потсетуваме, владите на Република Македонија и Република Грција во јуни оваа година, во Преспа го потпишаа Договорот за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиско партнерство, според кој, Република Македонија треба да го смени своето име во Република Северна Македонија.
Дел од спроведувњето на Договорот е и одржување референдум во Македонија, кој е закажан за 30 септември оваа година. Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“