Elena Trenchevska Chekovic
17 Јуни 2025•Ажурирај: 18 Јуни 2025
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денес оствари средба со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, на која се потврдени пријателските односи меѓу двете земји и е нагласена потребата за дополнително продлабочување на меѓусебната соработка, пренесува Анадолу.
Гаши престојува во официјална посета на Азербејџан на покана од претседателката на Националното собрание на Азербејџан, Сахиба Гафарова, што е прва официјална билатерална посета на претседател на Собранието на Република Северна Македонија на Република Азербејџан, соопшти прес-службата на Собранието на РСМ.
На состанокот со претседателот Алиев, Гаши истакнал дека „како држава, особено во овој мандат, сме посветени на проширување на хоризонтите и на јакнење на партнерствата со држави со кои, независно од тоа што не припаѓаме на ист регион, имаме заеднички интерес за соработка и градење мостови на пријателство.“
Тој додал дека земјата не отстапува од евроинтегративниот пат, и покрај предизвиците со кои се соочува, нагласувајќи ја цврстата решеност за проширување на партнерствата со држави како што е Азербејџан, земја со која, како што нагласил, нема отворени прашања, а има заеднички интерес за соработка.
Гаши нагласил дека постои заедничка заложба за зајакнување на партнерството во областа на снабдување со гас, имајќи ги предвид ресурсите на Азербејџан, и за нивната присутност на Балканот и во дел од земјите на Европската Унија.
Азербејџанскиот претседател Алиев од своја страна истакнал дека Азербејџан веќе работи на можностите за обезбедување долгорочна соработка меѓу двете земји во делот на снабдувањето со гас, истакнувајќи дека покрај соработката во енергетскиот сектор, треба да се размислува и за зголемување на трговската размена и соработка во делот на транспортот.
Двајцата официјални претставници посочиле дека двете земји, покрај на соработката во областа на транспортот, трговијата и економијата, треба да се фокусираат и на соработка во културата и туризмот.