Ivana Ramadanova
15 Август 2016•Ажурирај: 15 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија на вонредната седница посветена на ситуацијата во поплавените подрачја зафатени од невремето што се случи на 6 август годинава во Скопје и неговата околина, со 58 гласа „за“ и еден „против“ ги донесе заклучоците со кои се бара од државните институции да продолжат да им помагаат на жителите погодени од поплавите, јавува Anadolu Agency (AA).
Владата треба да изврши процена и доколу е потребно да пренасочи средства од одредени тековни буџетски ставки во надлежни институции со цел справување со последиците од катастрофалната временска непогода. Министерството за финансии и Владата да подготват, а Собранието да ја разгледа одлуката за прераспределба меѓу буџетските корисници со кои ќе се обезбедат средства за обесштетување на семејствата на загинатите лица, загрозените семејства, како и за санирање на штетите.
Во заклучоците се бара и да се спроведе дератизација, десинсекција и делумна евакуација на населението од поплавените подрачја, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да направи анализа за дивата сеча на шумите, а Република Македонија да продолжи со масовно пошумување, особено на местата каде што има ерозија.
На седницата, која беше побарана од страна на пратениците на македонската опозиција, имаше многу спротивставени ставови, бидејќи некои од пратениците побараа одговорност за поплавите. Заклучоците беа предложени од страна на членовите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но пратениците од македонската опозиција не гласаа за нив. Претходно, Собранието не ги прифати заклучоците предложени од страна на опозициската СДСМ, каде што 28 беа „за“ и 58 „против“.
ВМРО-ДПМНЕ изрази жалење што не е постигната заедничка согласност околу заклучоците, иако тие биле доставени до сите пратеници и во нив се вклучени и предлози од СДСМ.
Во меѓувреме, опозициската СДСМ се изјасни дека предложените заклучоци од страна на двете партии во коалицијата не се прифатливи за опозицијата, бидејќи во нив не се вклучени главните барања на опозицијата за плаќање на итна помош на настраданите и за одговорност на надлежните за направените пропусти.
СДСМ побара итна исплата на 1.500 евра помош за секое настрадано семејство, независно од помошта што ја предвиде Владата, да се донесе закон за утврдување на методологијата за исплата на штетите, а процените за штетите да бидат јавно достапни.