Yaser Arafat Mohamed Albanna
11 Мај 2022•Ажурирај: 11 Мај 2022
ДОХА (АА) - Катарскиот телевизиски канал „Ал Џезира“ ги обвини израелските сили за намерно убиство на новинарката Ширин Абу Аклех на окупираниот Западен Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Абу Аклех (51) почина откако беше застрелана додека известуваше за рацијата на израелските сили во градот Џенин. Друг новинар, Али ал Самуди, беше застрелан во грбот“, соопшти денеска палестинското Министерство за здравство.
Во соопштението на „Ал Џезира“ се вели дека таа била „ладнокрвно убиена“ од израелските сили.
Убиството на Абу Аклех беше наречено „грозоморно злосторство, кое има за цел да ги спречи медиумите да ја извршуваат својата должност“.
„„Ал Џезира“ ја смета израелската Влада и окупаторските сили одговорни за убиството на Ширин“, се вели во соопштението, во кое се повикува меѓународната заедница „да ги осуди и да ги повика на одговорност израелските окупаторски сили за намерно пукање и убивање“ на новинари.
„Ветуваме дека сторителите ќе бидат кривично гонети, без разлика колку се трудат да го прикријат своето злосторство и дека ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, соопшти „Ал Џезира“.
Родена во Ал Кудс (Ерусалим) во 1971 година, Абу Аклех дипломирала новинарство на Универзитетот „Јармук“ во Јордан.