Sinan Doğan
11 Мај 2022•Ажурирај: 12 Мај 2022
БОГОТА - Парагвајскиот обвинител Марсело Пеци е убиен во атентат за време на неговото брачно патување во Колумбија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Пеци кој со сопругата престојувал на островот Бару, сместен на подрачјето на туристичкиот град Картагена, бил убиен со огнено оружје од страна на неидентификувани лица додека се забавувал во морето.
Пеци починал на самото место на нападот, а неговата сопруга се извлекла без повреди.
Според вестите објавени во локалните медиуми, напаѓачите на местото на кое се наоѓал Пеци дошле со џет-ски и пукале во него.
Полицијата на Картагена и Националните поморски сили започнаа операција за фаќање на напаѓачите.
Хорхе Луис Варгас, шефот на Колумбиската национална полиција, изјави дека се во контакт со Парагвајското обвинителство и додаде: „Се сретнавме со американските власти, а Колумбија и Парагвај формираа екипа за виновниците што е можно побргу да бидат изведени пред лицето на правдата.“
Пеци кој го загуби животот во атентат, во Парагвај ја извршуваше функцијата специјализиран обвинител во борбата против трговијата со дрога, перењето пари и финансирањето на тероризмот.