Betül Yılmaz
18 Септември 2025•Ажурирај: 19 Септември 2025
ИСТАНБУЛ А (АА) – Најмалку 65.141 Палестинец се убиени во геноцидната војна на Израел во Појасот Газа од октомври 2023 година, соопшти Министерството за здравство денес, јавува Анадолу.
Во соопштението на Министерството се вели дека 79 тела биле донесени во болниците во последните 24 часа, а 228 лица биле повредени, со што бројот на повредени во израелскиот напад достигна 165.925.
„Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив.“
Министерството, исто така, истакна дека деветмина Палестинци се убиени, а над 33 се повредени од израелскиот воен оган додека се обидувале да добијат хуманитарна помош во последните 24 часа, со што вкупниот број на убиени Палестинци додека чекале помош се искачи на 2.513, а над 18.414 се повредени од 27 мај.
Израелската армија ги продолжи нападите врз Појасот Газа на 18 март и оттогаш уби 12.590 луѓе, а повреди 53.884, со што се прекрши договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.