Diyar Güldoğan
16 Ноември 2023•Ажурирај: 17 Ноември 2023
ВАШИНГТОН (АА)
Американскиот претседател Џо Бајден му рече на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека решението за две држави меѓу Израел и Палестина е „конечниот одговор“, пренесува Анадолу.
„Видете, јас јасно им ставив до знаење на Израелците, на Нетанјаху и неговиот воен кабинет дека мислам оти единствениот конечен одговор тука е дводржавното решение. Тоа е реално“, рече Бајден на прес-конференцијата по средбата со кинескиот колега Си Ѓинпинг во Сан Франциско, Калифорнија.
Тој изјави дека не знае колку долго ќе трае конфликтот во Газа.
„Кога ќе престане ова? Мислам дека ќе престане кога Хамас веќе нема да има капацитет да убива и злоупотребува и да им прави ужасни работи на Израелците“, рече американскиот претседател.
Тој додаде дека прави сѐ што е во негова моќ за да ги извлече израелските затвореници од Појасот Газа, нагласувајќи дека тоа не значи испраќање американски војници таму.
Од минатиот месец, илјадници згради, вклучувајќи болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во немилосрдните израелски воздушни и копнени напади врз опколената палестинска енклава.
Во соопштението на Кабинетот за медиуми на Владата во Газа се наведува дека бројот на загинати Палестинци во нападите на Израел од 7 октомври на Појасот Газа достигна 11.500, од кои 4.710 се деца и 3.160 се жени. Во нападите на израелската Армија беа ранети 29.800 луѓе, а повеќе од 70 отсто се жени и деца.
Израел проценува дека најмалку 239 Израелци, вклучувајќи воен персонал и цивили, се заробени во Појасот Газа. Израелските власти го ревидираа бројот на убиени Израелци од 7 октомври на околу 1.200.