Mustafa Deveci
15 Мај 2018•Ажурирај: 16 Мај 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - Мустафа Девеџи
Израелскиот новинар и писател Гидеон Леви, коментирајќи ги вчерашните протести во Газа, изјави дека протестите се легитимно право на Палестинците кои живеат во Појасот Газа и дека израелските војници немаат право да пукаат во нив.
Во изјавата за Anadolu Agency (AA), Леви употребата на сила и смртта на 60 Палестинци ја нарече масакр. Леви, исто така, реагираше на „нечувствителноста“ на израелската јавност за настаните во Газа, тврдејќи дека таквата реакција е неверојатна.
Тој е во шок, поради нереагирањето на Израелците на сè што се случува на границата на Газа. Леви ја коментираше и изјавата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека вчерашната интервенција била „легитимна одбрана на Израел“.
Израелскиот новинар смета дека Израел има право да ги запре оние кои се обидуваат да ја преминат границата, но притоа, не и да употребуваат боева муниција.
„Израелските војници немаат право да пукаат врз демонстрантите“, рече Леви, истакнувајќи дека наместо отворање оган врз демонстрантите, можеле да се преземат некои други мерки. Тој потсети дека вистинската причина за демонстрациите е израелската нелегитимна блокада на Газа, која трае од 2006 година, и дека тоа треба да се испита.
„Ние сме соочени со луѓето кои живеат во кафез. Што може да биде полегитимно од желбата на овие луѓе да излезат од тој кафез“, вели Леви. Тој истакна дека меѓународната заедница треба да биде вклучена во ова прашање, бидејќи ако таа не реагира и интервенира, нема да има ниту процес, ниту поместување, кога станува збор за решавање на проблемот.
„Окупацијата ќе продолжи додека не интервенира меѓународната заедница“, рече Леви.
Илјадници Палестинци се собраа вчера на границата на Газа за да протестираат против израелската окупација и дислоцирањето на Американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим. Израелските безбедносни сили со употреба на сила и огнено оружје се обидоа да го спречат протестот кој ќе продолжи и денес, а во кој досега загинаа најмалку 60 Палестинци.
Во осудувањата кои пристигнуваат од светот, меѓу другото, е наведена и изјава дека прекумерната сила е неприфатлива во случај на мирен протест каков што Палестинците организираа по повод 70-годишнината од нивното масовно протерување од палестинската земја, познат како Накба.