Ekip
11 Февруари 2021•Ажурирај: 11 Февруари 2021
АНКАРА
Катарските власти соопштија дека земјата ќе го продолжи комерцијалниот сообраќај со Саудиска Арабија на 14 февруари, придржувајќи се кон заштитните мерки против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Генералниот царински орган издаде голем број регулаторни и претпазливи контроли кои се однесуваат на движењето на увезената и транзитната стока од пограничното пристаниште Салва во Кралството Саудиска Арабија до пограничното пристаниште Абу Самра во државата Катар“, соопшти катарската новинска агенција цитирајќи го царинскиот орган.
Возачите на камиони кои доаѓаат од пристаништето Салва мора да добијат сертификат заверен од саудиското Министерство за здравство, со кој се докажува дека биле тестирани на Ковид-19 со рок на важење не помалку од 72 часа пред да влезат на граничниот премин Абу Самра.
Исто така, царинскиот орган соопшти дека на возачите и камионите кои превезуваат стока до Катар преку граничниот премин Абу Самра не им е дозволено да влегуваат во земјата и дека стоката ќе биде истоварена и претоварена на локалните камиони од страна на увозникот.
Претходно овој месец, царинскиот орган во Катар соопшти дека 95 приватни возила влегле во Катар од Саудиска Арабија преку граничниот премин во текот на првите три дена од неговото отворање по објавувањето на помирувањето во Заливот.
„Бројот на приватни возила што го преминаа пристаништето Абу Самра од Катар кон Саудиска Арабија во истиот период достигна 835“, се вели во соопштението.
Катар потпиша договор за помирување со Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Египет за ставање крај на нивниот раздор, кој започна во 2017 година.
По нивниот договор за помирување, четирите земји се согласија повторно да го отворат својот воздушен простор за катарските летови.