Necva Taştan Sevinç
11 Август 2025•Ажурирај: 12 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Францускиот претседател Емануел Макрон денес остро го осуди најавеното проширување на израелските воени операции во градот Газа и бегалските кампови Маваси, нарекувајќи го тоа „предвидена катастрофа од невидени размери“, јавува Анадолу.
„Одлуката на израелската Влада за проширување на операциите во градот Газа и камповите Маваси, како и повторната окупација од страна на Израел, претставува катастрофа од невидени размери и трка кон постојана војна“, изјави Макрон за француската телевизија БФМТВ.
Тој предупреди дека „израелските заложници и жителите на Газа ќе продолжат да бидат први жртви на оваа стратегија“ и повторно повика на итно и трајно запирање на огнот.
„Мора да ја завршиме оваа војна сега со траен прекин на огнот“, порача Макрон.
Израел, кој од октомври 2023 година спроведува брутална воена офанзива во Појасот Газа, досега уби повеќе од 61.000 Палестинци, речиси половина од нив жени и деца. Воениот напад целосно ја опустоши енклавата што се соочува со глад.
И покрај растечките меѓународни предупредувања за ескалација на етничко чистење и геноцид врз Палестинците, Советот за безбедност на Израел во петокот го одобри планот на премиерот Бенјамин Нетанјаху за проширување на воените операции и целосна окупација на градот Газа.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за приведување на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) во својата привремена пресуда за Газа минатата година пресуди дека е „веројатно“ оти постапките на Израел би можеле да претставуваат геноцид.
Судот издаде привремени мерки со кои се бара од израелската Влада да го почитува меѓународното право и да им обезбеди хуманитарна помош и други услуги на опколените Палестинци во Газа.