Mustafa Deveci
29 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
ЕРУСАЛИМ (АА) - МУСТАФА ДЕВЕЏИ - Десетици илјади Палестинци од 30 март организираат мировни протести на пет точки на границата меѓу Појасот Газа и Израел, со цел отстранување на нелегитимната блокада врз Појасот Газа и овозможување враќање на 5 милиони палестински бегалци кои беа протерани од својата земја, пишува Anadolu Agency (AA).
30 март е избран за почеток на протестите насловени „Маршот на големото враќање“. Овој датум е избран бидејќи тој ден 1976 година, Израел окупираше илјадници декари земја во подрачјето на Галилеја на кое живееја Палестинци. Тој ден од страна на Палестинците е прогласен за „Ден на земјата“.

Илјадници Палестинци организираат протести на пет различни точки на границата меѓу Газа и Израел, во должина од 65 километри. Протестите се одржуваат во северниот и централниот дел на Газа, во градот Газа, во Хан Јунус и во Рaфа.
Палестинците планираат протестите да ги организираат до 15 мај, датумот на формирањето на Израел, датумот на „Накба“, егзодусот на Палестинците, кој е именуван и како „Голема катастрофа“.
Втората причина за продолжување на протестите до средината на мај е реакција на одлуката на Соединетите Американски Држави (САД), според која на 14 мај американската амбасада ќе биде префрлена од Тел Авив во Ерусалим (Кудс).
Палестинците имаат две значајни барања
Првото барање на Палестинците кои учествуваат на „Маршот на големото враќање“ е отстранување на илегалната блокада врз Појасот Газа што досега ја спроведува Израел, откако Хамас победи на изборите 2006 година.
Околу 2 милиони жители на Газа живеат под тешки услови поради нелегалната блокада што Израел ја спроведува врз оваа територија од воздух, копно и од море.
Економијата на Газа доживува тешки денови поради блокадата. Невработеноста достигна 44 отсто, а повеќето од половината население на Газа се сиромашни. Само во еден дел од денот градот добива електрична енергија. Поради кризата со електричната енергија, некои фабрики се затворени, а некои пак работат со капацитети кои се многу помали од нивните можности.
Второто барање на демонстрантите е да се овозможи враќањето на 5 милиони палестински бегалци кои по формирањето на Израел, од 1948 година наваму, со присила се раселени од своите огништа.
Израелското раководство од 1948 година под присила расели милиони Палестинци од сопствените домови. Заклучно со денешниот датум, над половина од палестинското население живее надвор од земјата, поточно 5 милиони Палестинци се бегалци. Од нив, околу 1,3 милиони живеат во Газа, додека 800.000 живеат во окупираниот Западен Брег. Останатите палестински бегалци се сместени во соседните држави Сирија, Либан и Јордан.
Палестинските бегалци поради израелската окупација не можат да се вратат во својата земја, од која пред многу години беа протерани.
Ја прифаќаат и смртта поради слободата
И покрај тоа што израелските војници користат вистински куршуми и употребуваат несразмерна сила, десетици илјади Палестинци не се откажуваат од мировните протести, со надеж дека светот ќе го чуе нивниот глас и ќе ја добијат посакуваната слобода.
Тоа што демонстрантите во предвид ја земаат и смртта за добивање на посакуваната слобода, е причина за уште поголема агресивност на израелските војници.
Според податоците од Министерството за здравство на Газа, од почетокот на протестите на 30 март, животот го загубиле 46 Палестинци, меѓу кои двајца новинари и пет лица на возраст под 18 години.
Поради употребата на несразмерна сила од страна на израелската војска, ранети се повеќе од 6.000 Палестинци. Над 1.700 Палестинци биле цел на вистински куршуми од израелските војници.
Според информациите добиени од болниците во Газа, на 17 Палестинци им се ампутирани екстремитети поради раните задобиени од вистинските куршуми истрелани од страна на израелските војници.
Раководството на Израел за протестите вели дека „претставуваат закана за безбедноста на Израел“, тврдејќи дека дозволена е употребата на вистински куршуми поради тоа што Палестинците на границата претставувале „безбедносна закана“ за Израелците кои живеат спроти Појасот Газа.
Меѓутоа, палестинската страна информира дека на протестите, некои Палестинци кои се наоѓале многу подалеку од просторот што го дефинирала израелската страна, биле погодени со вистински куршуми на израелските снајперисти.