Ömer Faruk Yıldız
19 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Малезискиот премиер, Махатир Мохамад, изјави дека муслиманските земји треба да произведуваат и развиваат сопствени технологии, јавува Агенција Анадолија (AA).
Мохамад во рамките на Самитот во Куала Лумпур зборуваше на форумот под назив „Приоритети и предизвици на развојот“, на кој укажа на важноста на технологијата и индустријата за националниот развој.
Тој се осврна на долгорочните иницијативи, кои на тој план ги започна и неговата земја.
„Нашите развојни планови се фокусираат не само на економскиот раст, туку и на заштитата на човечкиот капитал, како и на заштитата на околината“, изјави Мохамад.
Тој рече дека денес муслиманските нации зависат од технологијата што ја произведуваат немуслиманите и додаде:
„И во моментот кога ќе преминеме на таа технологија, тие веќе почнуваат со нов технолошки развој. Во тој случај ние мораме да се навикнуваме на тој технолошки развој“, изјави Мохамад.
Во таа смисла Мохамад изјави дека муслиманските народи немаат друг избор освен да прават и да развиваат домашно производство.
„Ако не почнеме да развиваме сопствена технологија, постојано ќе се обидуваме да го следиме темпото на другите развиени земји“, изјави Мохамад.
„Турција напредува во одбранбената индустрија. Малезија многу учи од Турција во оваа област“, додаде малезискиот премиер.