Khalilur Rahman Salahshoor,Ahmet Dursun,Tolga Akbaba
06 Октомври 2018•Ажурирај: 07 Октомври 2018
ИСТАНБУЛ (АА) - Калилур Рахман Салахшур
Поранешниот министер за надворешни работи на Авганистан, Рангин Дадфар Спанта, изјави дека новата стратегија на американската администрација за Авганистан и Јужна Азија е неуспешна и дека сѐ уште трае нестабилноста на Авганистан, пишува Anadolu Agency (AA).
Спанта, кој извесен период беше и советник за национална безбедност на поранешниот претседател на Авганистан, Хамид Карзаи, со новинарот на АА зборуваше за постоечката безбедносна ситуација во Авганистан.
Изјавувајќи дека е неуспешна новата стратегија на американската администрација за Авганистан и Јужна азија, Спанта рече: „Заврши контролата на власта врз значајните подрачја во земјата. Можеме да зборуваме за пораз на американската стратегија.“
„Стратегијата на претседателот на САД (Доналд Трамп) не остави позитивно влијание врз безбедносната ситуација во земјата и продолжува нестабилноста во Авганистан. Од големо значење е проширувањето на териториите во земјата контролирани од Владата и спроведувањето на законот на тие територии, но за жал, во споредба со претходните години, денеска сите се соочуваме со поголем број проблеми“, рече Спанта.
На прашањето за тврдењата дека САД во Авганистан имаат девет воени бази, Спанта одговори: „Состојбата за воените бази се базира врз Договорот меѓу Вашингтон и Кабул. Овие бази им се дадени на користење на САД. Според тоа, потребно е и Авганистан и САД да се придржуваат кон обврските.“
Спанта продолжи со зборовите: „Суштината на проблемот е што САД не се придржуваат кон своите обврски кон Авганистан и не го прават она што треба да го направат. Затоа, со цел подобро спроведување на Договорот и на дадениот збор од страна на САД, потребно е уште еднаш да го разгледаме безбедносниот Договор со Вашингтон.“
- Мировни преговори меѓу Авганистан и Талибанците
Коментирајќи за мировните преговори меѓу Авганистан и Талибанците, Спанта ја даде следната констатација: „Нема мировни преговори меѓу Авганистан и Талибанците. И Владата од Кабул и Авганистанскиот висок мировен совет, пред неколку дена го негираа тоа. За жал, со Талибанците договор склучија странците, како што се Америка, Русија и земјите од Блискиот Исток. Иако Авганистан е сопственик на земјата, не беше вклучена во мировните преговори.“
Спанта позитивно го оцени испраќањето на Залман Халилзад за специјален претставник на САД во Авганистан, велејќи дека Халилзад добро го познава Авганистан, запознаен е со јазикот на авганистанскиот народ, и би требало да одигра поважна улога во преговорите меѓу Авганистан и Талибанците, за разлика од дипломатите кои не го познаваат Авганистан.
Зборувајќи за спорните прашања што постојат меѓу Авганистан и Пакистан, Спанта, потсетувајќи дека Турција посредува меѓу двете земји, рече: „Верувам дека Турција ќе одигра многу позитивна и значајна улога, доколку пред очи се земе предвид дека таа и со двете земји има длабоки пријателски и братски врски.“