Umar Farooq,Kasım İleri
29 Ноември 2018•Ажурирај: 29 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Високи официјални претставници на администрацијата на Трамп ја бранеа поддршката на Соединетите Американски Држави (САД) за кампањата во Јемен, предводена од Саудиска Арабија, и ја отфрлија можноста за поврзаност меѓу саудискиот престолонаследник со убиството на новинарот Кашоги, јавува Anadolu Agency (AA).
Обраќајќи им се на новинарите по информирањето на Сенатот во врска со ситуацијата во Јемен, државниот секретар Мајк Помпео рече дека планираното гласање на Сенатот за прекин на американската поддршка за коалицијата предводена од Саудиска Арабија е „лошо темпирано“ и дека ќе ги поткопа напорите на специјалниот претставник на ОН за Јемен, Мартин Грифитс, за обединување на двете страни во конфликтот, со цел постигнување прекин на огнот.
„Тоа ќе ги охрабри Хусите. Ќе ги охрабри Иранците. Ќе го поткопа кревкиот договор за сите да заминат во Шведска и да ги одржат овие разговори“, истакна Помпео.
Јемен е средиште на судири од 2014 година, кога бунтовничката група на Хусите зазеде поголем дел од земјата, а кризата ескалираше во 2015 година, кога коалицијата предводена од Саудиска Арабија започна воздушна кампања, со цел да ги поврати областите заземени од Хусите.
Се смета дека десетици илјади луѓе, меѓу кои и цивили, се убиени, а ОН проценуваат дека околу 14 милиони Јеменци се изложени на ризик од глад.
Американскиот државен секретар за одбрана, Џејмс Матис, исто така застана во одбрана на поддршката на САД за војната, велејќи дека Вашингтон работи на спречување на иранското влијание во Јемен и дека се применети мерки за да се подобрат системите за таргетирање на коалицијата, со цел да се минимизираат цивилните жртви.
„Во наш интерес е да ставиме крај на граѓанската војна, да се спротивставиме на иранското влијание и да ги спречиме ракетните напади на Хусите и беспилотните воздушни напади врз Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија и нивното цивилно население“, рече Матис на брифингот пред сенаторите.
Помпео, исто така нагласи дека нема директен доказ дека саудискиот претстолонаследник Мухамед бин Селман го наредил убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги, како резултат на наводите на ЦИА, според чии податоци и информации принцот го сторил тоа.
Инаку, саудискиот новинар и колумнист на американскиот весник „Вашингтон пост“ („The Washington Post“) Џамал Кашоги, е убиен на 2 октомври во објектот на саудискиот Конзулат во Истанбул.
Откако првин кажаа дека Кашоги го напуштил Конзулатот, неколку недели подоцна саудиските власти признаа дека тој бил убиен внатре, во Конзулатот.
Сенаторите истакнаа дека сето тоа не го сметаат за меродавно, забележувајќи дека директорката на ЦИА Џина Хаспел, не била присутна на брифингот.