Dilara Zengin Okay
20 Април 2022•Ажурирај: 21 Април 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Бројот на претплатници на глобалната интернет-телевизиска мрежа „Нетфликс“ е намален за 200.000 во првиот квартал од 2022 година, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Нетфликс“ објави извештај за билансот на состојбата за првиот квартал од оваа година.
Според извештајот, приходите на компанијата во првиот квартал од оваа година се зголемени за 10 отсто во однос на истиот период од претходната година, достигнувајќи 7,9 милијарди долари. Приходите на „Нетфликс“ во истиот период минатата година изнесуваа 7,2 милијарди долари.
Од друга страна, нето-добивката на компанијата изнесува 1,6 милијарди долари, што претставува намалување од 6 отсто во првиот квартал во однос на истиот период претходната година. Нето-добивката на „Нетфликс“ во првиот квартал од минатата година изнесуваше 1,7 милијарди долари.
И заработката на компанијата по акција е намалена од 3,75 долари на 3,53 долари за истиот период.
- Бројот на претплатници за првпат се намали по повеќе од 10 години -
Бројот на претплатници на „Нетфликс“ се намали за 200.000 во првиот квартал од оваа година. Очекувањата биле бројот на претплатници на „Нетфликс“ во овој период да се зголеми за 2,5 милиони.
Одлуката да ги прекине своите услуги во Русија по инвазијата врз Украина, на почетокот на март, кај „Нетфликс“ резултира со загуба на 700.000 претплатници.
„Нетфликс“ има вкупно 221,6 милиони претплатници низ светот.
Компанијата која ја објави последната загуба на претплатници во октомври 2011 година, истакна дека намалувањето на претплатници се очекува да продолжи и во вториот квартал од оваа година, наведувајќи дека се очекува тоа да достигне 2 милиони.