Dilara Hamit
20 Април 2022•Ажурирај: 21 Април 2022
АНКАРА (АА) - Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто, рече дека Будимпешта не поддржува санкции против руската нафта и гас и нема да дозволи транзит на оружје во Украина преку нејзината територија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние не можеме да го принудиме унгарскиот народ да ја плати цената на оваа војна. Затоа не одобруваме санкции на нафта или природен гас против Русија“, рече Петер Сијарто по заедничката прес-конференција со турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во турскиот главен град Анкара.
Тој истакна дека некои земји дозволуваат на нивната територија да се пренесува оружје кон Украина, но дека Унгарија тоа нема да го дозволи, и додаде дека тие го поддржуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Во врска со испораката на природен гас од Русија кон Унгарија, Сијарто рече дека Турција има голема улога како земја на транзит.
„Министерот [Чавушоглу] на нашиот состанок потврди дека Турција ќе продолжи со улогата на транзит. Ние се надеваме дека природниот гас ќе стигне преку Турција без никакви проблеми“, рече тој.
Унгарскиот министер за надворешни работи ги поздрави напорите на Турција да стави крај на руско-украинската војна.
Стотици илјади украински бегалци побараа засолниште во Унгарија.
Руската војна во Украина, која започна на 24 февруари, доведе до илјадници смртни случаи, милиони раселени и широк опсег на санкции на Москва, особено во ЕУ и САД.
Исто така, поттикна повлекување на глобални фирми од Русија, од технологија до автомобилизам, енергетика, малопродажба и други сектори.