Adem Şalvarcıoğlu
26 Декември 2017•Ажурирај: 27 Декември 2017
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Ректорката на Меѓународниот исламски универзитет во Малезија, Залеха Камарудин, истакна дека американската одлука за Ерусалим (Кудс) претставува „темел на неправдата“, јавува Anadolu Agency (AA).
Камарудин во интервјуто за АА се осврна на одлуката која на 6. декември ја потпиша американскиот претседател Доналд Трамп, со која Кудс го признава како главен град на Израел.
Таа укажа на статусот на Кудс, во однос на фактот што овој град им припаѓа на сите религии. Како што истакна, со оваа одлука претходно се имаат сложено САД и Израел.
Камарудин посочи дека Трамп на 6. декември непромислено и вообразено го признал Кудс како главен град на Израел.
„Трамп, освен што делуваше во спротивност со меѓународното право, со оваа одлука покажа дека нема обѕир кон светската јавност“, рече Камарудин.
Таа се осврна и на резолуцијата која е поддржана од мнозинството во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), со која е отфрлена одлуката на претседателот Трамп.
„Оваа дрска одлука на САД му нанесе голема штета на долгогодишниот мировен процес во регионот и тоа тешко ќе се надополни. Секако, таа одлука во Генералното собрание на ОН беше одбиена од мнозинството, со што е потврдено дека таа се коси со меѓународното право“, порача Камарудин.
Во оваа пригода таа упати апел до целиот свет за обединување, како што нагласи, против едностраната неправедна одлука.
„Непризнавањето на државата Палестина е мајката на сите неправди на современиот свет. Темелот на оваа неправда е признавањето на Кудс како главен град на Израел“, изјави Камарудин, која заклучи:
„Сите земји во светот кои се залагаат за мир и правда, мора да се обединат за отстранување на неправдата која му се прави на палестинскиот народ. Неопходно е спротивставување на активностите на овие дрски и еднострани супер сили“.