Muhammet Kurşun
06 Април 2019•Ажурирај: 07 Април 2019
ТЕХЕРАН
Претседателот на иранскиот Парламент, Али Лариџани, изјави дека САД ја блокираа хуманитарната помош наменета за Иран поради поплавите што ја зафатија земјата и дека поради тоа Црвениот крст ниту со еден долар не ѝ помогнал на иранската Црвена полумесечина, јавува Anadolu Agency (AA).
Лариџани, пред да замине на 140. Генералното собрание на Интерпарламентарната унија што ќе се одржи во Доха, главниот град на Катар, на аеродромот во Техеран даде изјава за новинарите.
Тој истакна дека американското Министерство за надворешни работи пред меѓународната јавност дало лажни изјави, додавајќи дека САД ја блокираа помошта на Црвениот крст за Иран поради поплавите во земјата. „САД го спречија Црвениот крст да му помогне на Иран. Поради тоа, Црвениот крст ниту со еден долар не ѝ помогна на иранската Црвена полумесечина“, зборуваше Лариџани.
Тој потсети дека Црвениот крст е меѓународна организација која во состојби на природни катастрофи и воени ситуации, без да ги земе предвид политичките гледишта, дистрибуира помош до оние на кои им е најпотребна, и посочи дека оваа организација, поради американските санкции, на Иран не му испорачала никаква помош.
Лариџани истакна дека за време на својот престој во Доха, во рамките на Генералното собрание ќе има можност да размени мислења со голем број претседатели на парламенти од земјите учеснички.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Бехрам Касими, на 3 април соопшти дека поради американските санкции врз Иран, потребната помош не е доставена до подрачјата погодени од поплавите.
Шефот на американската дипломатија, Мајк Помпео, истот ден објави писмено соопштение, во кое наведува дека се неточни тврдењата оти неговата земја ја блокира помошта за иранската Црвена полумесечина.
Веќе две недели целата територија на Иран се наоѓа под поројни врнежи од дожд, кои предизвикаа поплави во кои животот го загубија 70 лица.