Dildar Baykan
12 Октомври 2017•Ажурирај: 14 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Мјанмарските војници го фрлиле во оган нејзиното 18-месечно бебе, нејзе и нејзините две сестри ги силувале, а мајка ѝ и нејзинот брат ги убиле. Тоа го преживеала муслиманката Раџума од Аракан. „Не можам со зборови да опишам колку ми гори душата. Син ми повеќе нема да ме вика мамо“, јавува Anadolu Agency (AA).
„New York Times“ (Њујорк тајмс) објави напис во којшто ги пренесува страдањата на 20-годишната Раџума, која престојува во еден камп во Бангладеш. Раџума раскажува за случувањата во Аракан – како на 29 август мјанмарската војска влегла во местото Тула Толи, каде што живеела. Сите биле куќи запалени, а населението одведено на брегот од реката.
Раџума раскажува дека војската потоа ги одвоила мажите од жените, убивајќи ги сите мажи. На жените и на децата им наредиле да влезат во реката и да чекаат таму. „Луѓето клекнуваа пред нозете на војниците и ги молеа да не ги убиваат. Но војниците не запираа, ги клоцаа и ги убиваа. Ги масакрираа муслиманите, запалија оган, нас нѐ силуваа и нѐ оставија без чувства“, вели Раџума.
Таа истакна дека војниците ја тепале и на сила од нејзините прегратки ѝ го земале 18-месечниот син. Таа ги раскажа моментите на ужас: „Моето бебе го фрлија во оган, само го фрлија“.
„Подоцна двајца војници со влечење ме одведоа во една куќа и тука групно ме силуваа. Во истата соба ги силуваа моите две сестри и ги убија. Во соседната соба ги убија мојата мајка и мојот 10-годишен брат. Во еден момент помислив дека сум мртва, ја загубив свеста. Кога се разбудив, војниците беа заминале, но запалена беше и куќата во која се наоѓав. Оставајќи ги безживотните тела на моето семејство, ја напуштив куќата. Се скрив во шумата зад куќите што гореа“, раскажува Раџума.
Зборувајќи за преживеаните трауми, таа низ солзи вели: „Не можам со зборови да опишам колку ми гори душата. Син ми повеќе нема да ме вика мамо“.
Пред неколку недели, качувајќи се на брод, Раџума пристигнала во Бангладеш. Таа е неписмена и во Бангладеш нема документи со коишто би можела да докаже дека е родена во Мјанмар.
„Луѓето врескаа барајќи помош“
Во една болница во Кокс Базар се лекува Мухамедул Хасан, кој изјави дека на 27 август во селото Мону Пара, во кое живеел, дошле 20 војници и сите мажи над 10 години ги собрале во една куќа.
Хасан раскажа дека војниците ги седнале 400-те мажи, со раце врзани зад грб, во дворот од куќата и ги натерале да ги наведнат главите пред себе, по што еден подофицер извлекол долг и тенок нож.
„Луѓето врескаа за помош. Децата ги извикуваа имињата на своите мајки и татковци. Пред мои очи им беа отсечени главите на десетици лица, а десетици беа убиени со истрел. На двапати пукаа во мојот грб и еднаш во градите. За среќа, куршумите не ги погодија виталните органи“, рече Хасан.
По тешкото патешествие, Хасан успеал да пристигне во Бангладеш, каде што лекарите во болницата во која се лекува рекле дека е чудо што останал жив.
Етничко чистење на араканските муслимани
Мјанмарската војска под изговор за борба против вооружените милитанти, врши напади над цивилите во Аракан, при што од 25 август досега животот го загубија илјадници муслимани. Поради забраната за влез и излез од подрачјето на напади, не може да се одреди точната бројка на убиени цивили.
Во последните напади, војската и будистичките фанатици уништија повеќе од 200 села.
Почнувајќи од 1970 година, во Мјанмар се спроведуваат напади во коишто се врши етничко чистење на околу 2 милиони муслимани, од кои 84 отсто се засолнија во соседните земји.