Esra Tekin
29 Декември 2025•Ажурирај: 31 Декември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Најмалку 13 лица загинаа, а 98 се повредени откако воз излета од шините во јужната мексиканска сојузна држава Оахака, соопштија надлежните власти, јавува Анадолу.
Според Морнарицата на Мексико, 36 од повредените се хоспитализирани, а останатите се здобиле со полесни повреди. Оттаму упатија најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите.
Соопштено е дека на терен се ангажирани 360 припадници на морнарицата, 20 возила, четири копнени амбулантни возила, три воздушни амбуланти и тактички дрон, кои се користат за операции за пребарување и лоцирање на патниците.
„Морнарицата ја повторува својата посветеност на службата, работејќи во корист на безбедноста и благосостојбата на мексиканското население и ќе продолжи координирано да соработува со надлежните органи за разјаснување на фактите“, се наведува во соопштението.
„Секретаријатот на морнарицата ме информираше дека во несреќата на возот 'Интерокеаник', за жал, загинаа 13 лица. Повредени се 98, од кои петмина потешко. Повредените се лекуваат во болниците ИМСС во Матијас Ромеро и Салина Круз, како и во болниците ИМСС-Бинестар во Хучитан и Икстепек“, напиша мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум во објава на социјалните мрежи.
Таа додаде дека дала инструкции секретарот на морнарицата и потсекретарот за човекови права при Министерството за внатрешни работи да отпатуваат на местото на несреќата и лично да им дадат поддршка на семејствата на настраданите, заедно со претставници на ИМСС и ИМСС-Биенестар.
„Министерот за внатрешни работи ќе ги координира активностите за одговор на несреќата. Ја ценам поддршката од гувернерот на Оахака и неговиот тим. Ќе продолжиме да информираме за развојот на настаните“, додаде таа.