Erbil Başay
01 Јуни 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
БЕРЛИН (АА) - Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, го повика американскиот претседател Доналд Трамп да се откаже од идејата за напуштање на Парискиот договор за борба против климатските промени, од страна на САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Јункер истакна дека го поддржува продолжувањето на трансатлантските односи, и оти некои работи мора да се стават под контрола за да се разговара со САД.
„Доколку американскиот претседател во наредните часови или денови соопшти дека се повлекува од Парискиот договор, Европа има обврска да каже дека тоа нема да може да биде така. Трамп мисли дека може, бидејќи не ги знае подробностите што произлегуваат од договорот“, порача Јункер на синоќешната конференција за иднината на Европа, која се одржа во Берлин.
Тој укажа на опасностите од климатските промени, и нагласи дека тоа не се опасности само за луѓето во Европа, туку за целиот свет.
„Доколку не тргнеме по патот на одлучна борба против климатските промени, постои опасност потполно да исчезнат 83 земји во светот“, порача Јункер и додаде дека лидерите на земјите Г7 минатата година му укажале на тие факти на американскиот претседател Трамп, кој смета дека климатските промени се голема измама за јавноста.
Јункер исто така изјави дека изгледа лидерите не успеале да го убедат Трамп во неопходноста на заедничкото дејствување, но оти потпишаниот договор е нешто што треба да се почитува.
„Сите ќе се придржуваме до тој договор. Не се сите закони и содржини на меѓународните договори лаги. Тоа мора да се почитува“, заклучи Јункер и додаде дека процесот на повлекување на некои потписници би можел да трае со години.
Трамп претходно се огласи на „Твитер“, во екот на медиумските известувања дека САД ќе се повлече од Парискиот договор за климата, при што напиша дека наскоро ќе ги објави своите намери.