Recep Şakar
13 Март 2019•Ажурирај: 14 Март 2019
МЕЛБУРН (АА) - На 6 години затвор е осуден австралискиот кардинал Џорџ Пел, поради сексуалната злоупотреба на две момчиња штитеници на црквата, во периодот додека бил на должност во Мелбурн, јавува Anadolu Agency (AA).
Џорџ Пел во периодот од 1996 до 2001 година во Австралија ја извршуваше должноста архиепископ на Мелбурн. Во судскиот процес во кој на Пел му се судеше за сексуална злоупотреба на две 13-годишни момчиња, поротата 77-годишниот кардинал го прогласи за виновен, а читањето на одлуката беше спроведено во Окружниот суд во Мелбурн.
Во текот на судењето, кое беше директно пренесувано на телевизиските канали, судијата Петер Кид му ја прочита судската одлука. „Жртвите имаа доверба во тебе, а ти користејќи ја својата моќ, ја злоупотреби таа доверба“, рече судијата, досудувајќи му на кардиналот Пел затворска казна во времетраење од 6 години.
Кардиналот Пел е највисоко свештено лице од Католичката црква, кој е осуден на затворска казна поради кривични дела извршени врз деца. Кардиналот ќе може да поднесе жалба во јуни 2019 година, а по 3 години и 8 месеци ќе може да аплицира за кауција.
Директниот пренос од соопштувањето на одлуката пред Судот во Мелбурн на своите мобилни телефони го следеа жртвите на сексуалната злоупотреба, преживувајќи емотивни моменти. Жртвите и нивните најблиски пред Судот во Мелбурн беа обземени од радост кога ја слушнаа одлуката, аплаудирајќи и нагласувајќи дека е многу значајно испраќањето на кардиналот Пел во затвор.

- „На целиот свет му е испратена силна порака“ -
Роб Хаус, кој е еден од жртвите на кардиналот, за АА изјави дека со голема возбуда ја дочекал одлуката на Судот, истакнувајќи дека децата во Австралија ќе бидат многу побезбедни по оваа судска одлука.
Хаус во продолжение рече: „Според мене, тоа е многу добро, бидејќи на целиот свет му е испратена силна порака дека независно од тоа на каква функција се наоѓаат, нема да се спасат оние што злоупотребувале деца. Поради тоа сум многу возбуден“.
- „Важно е исполнувањето на правдата“ -
Брајан Чери, еден од жртвите на сексуална злоупотреба, и кој постојано ги следи таквите случаи, пред Судот изјави: „Многу е важно исполнувањето на правдата, независно колку години има (Пел), потребно е да ја одлежи казната. Доколку извршите злоупотреба на дете, возраста воопшто не е битна за одлежување на затворската казна“.

Од друга страна, Леони Шеди, чиј брат како дете бил жртва на злоупотреба од страна на свештени лица, потсетувајќи дека Џорџ Пел е регистриран злоупотребувувач на деца, изјави: „Дали сум среќна? Потребно е да бидеме среќни бидејќи поради извршеното дело, во австралиски затвор, ќе оди еден од највисоките службеници на Католичката црква.“
- Поротата го прогласи кардиналот за виновен -
Поротата на Судот во Австралија, на 12 декември 2018 година, го прогласи за виновен Пел, трет по хиерархијата во Ватикан, поради сексуалната злоупотреба на две 13-годишни момчиња додека во периодот од декември 1996 до февруари 1997 година бил на должноста архиепископ на Мелбурн. На 26 февруари беше соопштено дека судската одлука за Пел не може да се соопшти поради процесите за сексуална злоупотреба кои се водат против него. Кардиналот Пел ги отфрли сите обвинувања насочени кон него, а на судското рочиште одржано на 27 февруари 2019 година, Судот одреди Пел да биде притворен до денешното читање на судската одлука.