ВИЕНА (АА) - Ашкин Кијаган -
Прекумерното полициско насилство на кое во текот на таканаречената антитерористичка операција во Виена беше подложено семејство со потекло од Газа, остави последици на сите негови членови, а особено на осуммесечното бебе.
Палестинецот К. А. во разговор за Агенција Анадолија (АА) зборуваше за преживеаното во текот на операциите, кога во неговата куќа на 9 ноември во утринските часови упаднале повеќе од 20 специјалци.
К. А. наведува дека во Австрија мирен и нормален живот живеат подолго од 14 години и дека никогаш немале проблем како со полицијата, така и со која било институција. Истовремено, навремено, како секој одговорен поединец, ги извршувал своите должности кон државата.
Во разговор за АА се присети за преживеаното и додаде дека ги шокирал упадот на специјалците.
„Нѐ разбуди голема бучава. За неколку секунди пред нас се најдоа специјалци со вперено оружје. Ги имаше околу 15 или 20. Во прв момент мислевме дека нѐ нападна терористичка група. Тоа беше застрашувачки. Ни рекоа да ги кренеме рацете нагоре. Сопругата со саати беше избезумена. Не можеше ниту да одговори на поставените прашања. Осуммесечното бебе без прекин плачеше“, рече тој.
Се присети како некој специјалец со кацига влегол во спалната соба и го извлекол во друга просторија.
„Оставија отворени врати од куќата. Плачеа и сопругата и детето. Рекоа дека ќе ме однесат на испитување“, наведе К. А.
Додаде дека специјалците со помош на специјално обучено куче детално го пребарале секој дел од куќата, а ги заплениле и сите електронски уреди, вклучувајќи мобилен телефон и лаптоп.
К. А. рече дека не можеле да сфатат што барале полицајците.
„Во оваа куќа се доселивме пред три месеци. Поради тоа подготвивме готовина за мебел. И тоа ни го запленија“, додаде тој.
Наведе дека полицајците го лажеле во текот на приведувањето. Првобитно му било кажано дека во просториите на полицијата е донесен како сведок, а не како осомничен, за потоа да се види дека тоа не е вистина бидејќи на документите јасно пишувало дека е осомничен.
- Прашања кои немаат врска со обвиненијата -
Додаде дека во текот на испитувањата очекувал и прашања и изнесување причини за изведувањето на операцијата и обвинувањата. Сепак, бил запрашан дали клања (извршува молитва), дали неговата жена носи хиџаб, дали на детето ќе му биде дозволено да јаде секаков вид месо во Австрија, дали детето ќе може само за себе да си го избере брачниот партнер или родителите ќе го направат тоа, и слично.
Дури бил запрашан и за личности од исламскиот свет кои починале, но и за некои кои се живи.
„Ја сакам Турција и на фејсбук-профилот објавив знаме на Турција и фотографии на претседателот Реџеп Таип Ердоган. Бев прашан каков е мојот однос со него, дали разговараме или имаме каков било контакт“, рече тој.
Палестинецот рече дека го сака Ердоган бидејќи пружил рака напомош не само на Сирија и Палестина туку и на другите земји во светот и дека летува во Турција бидејќи му се допаѓа таа земја.
Наведе дека наспроти тоа што е Палестинец, му биле поставувани многу прашања во врска со Египет и тамошната администрација. Прашан бил и за групи и заедници за кои никогаш не слушнал.
Рече дека му биле поставувани многу прашања за исламскиот свет и дека иако на испитувањето сакал да отиде со адвокат, тоа не било дозволено.
На испитувањето поминал 18 часа, а полицајците му покажувале фотографии од некои луѓе, наведувајќи го да каже на која група или организација припаѓаат.
„Со оглед на тоа дека немав информации за тоа што прашаа, инсистираа да добијат одговор. Се обидоа со користење на жена ми и осуммесечното бебе како средство, да вршат притисок врз мене. Ми беше кажано да зборувам ако сакам повторно да бидам со нив, и дека нема да ми биде дозволено да ги видам додека не проговорам“, се присети К. А.
Во текот на испитувањето бил вршен притисок на него во врска со содржините кои ги споделиле неговите браќа во Газа. Додаде дека еден брат бил ранет во нога во текот на мирни протести, а другиот споделил фотографија на убиен Палестинец на границата со Газа. Бил испитуван за двата случаи.
- „Сменет однос на соседите по упадот“ -
К. А. рече дека пред операцијата имале многу добар однос со соседите, немало никакви проблеми. Сепак, работите значително се смениле по операцијата. Се чувствуваат изолирано, а кога сопругата излегува надвор од куќата, не се чувствува сигурно.
Рече дека во Австрија дошле за да живеат слободно и сигурно дека и таа земја ја сакаат како татковина. Нагласи и дека нема збор за каков било чин кој би ѝ нанел штета на Австрија.
Наведе и дека од државата не добиле никаква економска помош, туку дека се стекнал со сопствена работа.
„Во Австрија работев во позната фирма, но неодамна полицијата за мене испратила допис дека „тоа лице не може да работи на тоа место“, што ме шокира. Тогаш ми дадоа отказ. Полицијата оневозможи приходи за мене и моето семејство“, рече тој.
Истакна дека полицијата во текот на испитувањето му кажала дека од сметката ќе може да подигне пари за плаќање сметки, но кога отишол во банка, и тоа не му било дозволено. Дошол во ситуација да не може да ги набави ниту основните потреби за детето, но ни за себе.
Неговата сопруга Л. А. вели дека, кога нејзиниот маж бил однесен на испитување, полицијата долго останала во куќата. Не им дозволила движење, а и кога ги извршувале основните потреби, биле со придружба на оружје.
Л. А. рече дека не можеле ниту да замислат дека нешто такво е можно во Австрија.
„Кога дојдов во Австрија, сопругот ми говореше дека полицајците се многу љубезни, вложуваат напори за безбедноста на луѓето. Но, за жал, сега, кога ги гледам, страшните сцени ми се пред очи. Сега се плашам и од најмал звук“, додава таа.
Исто така, додава дека преживеаните работи ѝ создале траума и дека дошло до психички проблеми.
„Не можевме да јадеме како што треба. Бебето веќе не сакаше да цица. Мислев дека сопругот никогаш нема да се врати“, рече таа.
Појасни дека, како и сите кои се во странство, редовно разговарале со семејството во Палестина. Сепак, кога дошло до операцијата, одземени им биле телефоните, лаптопите и парите, па пет дена не можеле да остварат контакт со семејството. Била и загрижена за сопругот кој долго не го видела.
„Кога им се јавив по пет дена, во солзи ме прашаа што се случило, зошто не разговарав со нив. Им реков дека мојот и телефонот на сопругот беа расипани и дека не можевме да им се јавиме. Не ми поверуваа, но кога подоцна ги повикавме на видеоповик, делумно почувствуваа олеснување“, рече таа.
Додаде дека во својата земја сведочела на бројни судири, но дека таков варварски чин, каков што доживеале во текот на операцијата, не видела досега.
Австриската полиција на 9 ноември 2020 година во рамките на операцијата „Луксор“ приведе 30 муслимански активисти и изврши претреси на 60 адреси под обвинение за терористички активности и перење пари.
Бројни невладини организации, интелектуалци и новинари ја осудија полициската бруталност во текот на операцијата и бараат расветлување на целиот случај.
news_share_descriptionsubscription_contact


