Kasım İleri
02 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот Стејт департмент ги осуди терористичките напади во областите Азаз, Ал Баб и Африн во Сирија, извршени од страна на терористичката организација ЈПГ/ПКК, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Нед Прајс, портпаролот на американскиот Стејт департмент, даде писмена изјава во врска со терористичките напади.
Прајс, во изјавата во која не се споменува изразот ЈПГ/ПКК, наведува:
„Соединетите Американски Држави го осудуваат терористичкиот напад во Азаз, Баб и Африн, каде што најмалку 20 цивили го загубија животот, вклучувајќи и деца. Изразуваме сочувство до семејствата на оние што ги загубија своите животи и посакуваме итно закрепнување на повредените во овие подли и грозни напади.“
Наведувајќи дека САД се загрижени поради зголемените напади во последните месеци, особено нападите со бомби, Прајс рече:
„Одговорните за овие напади мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Овие напади го загрозуваат сирискиот народ и дополнително го дестабилизираат регионот.“
Во терористичките напади извршени од терористичката организација ЈПГ/ПКК во областите Азаз и Баб во северна Сирија загинаа 10 лица, а 24 лица беа повредени.
Исто така во петокот, ЈПГ/ПКК активираше бомба поставена во автомобил во индустриската зона во Африн. Во овој терористички напад животот го загубија 6 цивили, а 25 цивили беа повредени.